Османи: Договорот со Бугарија е рамка за решавање на сите прашања


Прес-конференција на министерот за надворешни работи Османи (ВО ЖИВО) - МИА

– Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи, прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни.



Ова го изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој денеска имаше работен појадок со амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес. 

-Имаме рамка, која што е потпишана  во 2017 година и таа ги дефинира инструментите како да ги надминеме сите разлики коишто постојат. Мислам дека не треба да има  резерви во однос на тоа да се разговара со пријатели и со соседи за сите прашања коишто сметаме дека ги засегаат двете држави и двете општества, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.

Вели Договорот не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми.

-Мислам дека оставањето на прашањата под тепих, не прави тие да исчезнат сами по себе, туку само ги прави поголеми, ги акумулира и ги прави потешки за решавање во иднина. Апсолутно отворено, пријателски искажувајќи ги чувствителните работи од нашата страна во однос на отворените прашања, но слушајќи ги и останувајќи отворени и сензитивни за бугарската страна за сите прашања, сметам дека полесно ќе дојдеме до  заедничко разбирање за се она што ги засега односите. Јас сум оптимист. Сите сме свесни за влогот којшто го имаме во овој процес, за важноста на процесот и фактот дека стратешки приоритет за двете држави е регионот да се движи кон ЕУ, рече Османи.

Вели со Бугарија се разговара на дневна основа во однос на сите несогласувања и напомена дека не сака да навлегува во детали за тие контакти, бидејќи треба да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите.