Општина Вевчани работи на изградба на нова и реконструкција на постоечката патна инфраструктура. Во изградба се две улици, а се реконструира и една од поглавните улици, која води од центарот до Здравствениот дом, училиштето и градинката, информира градоначалниот Спасе Кочовски.
Тој заедно со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска извршија увид на реализацијата на неколку проекти. Мицкоски пак вети по еден милион евра годишно за Вевчани од државниот буџет кога ќе дојде на власт.
– Активно работиме на обезбедување проекти и ги следиме повиците на фондовите во државата. Обезбедени се 40 милиони денари, за изградба на нови патишта и реконструкција на постоечките. И сметаме дека најпотребно во овој момент е изградба на таа патна инфраструктура бидејќи општина Вевчани е заокружена, имаме нова училишна зграда и реконструирана скоро 80 отсто градинка, рече Кочовски.
За лидерот на ВМРО – ДПМНЕ е многу важно што една ваква мала општина како Вевчани успева со свои сили, да реализира проекти кои се исклучително важни за потребите на граѓаните.
– Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има предвидено годишно да издвојува до милион евра од буџетот и да ги реалоцира за потребите на општина Вевчани, за инфраструктурни проекти и проекти кои што ќе значат дополнителна вредност за граѓаните, или за четири годишен мандат тоа се до четири милиони евра, изјави Мицкоски.
Ги охрабри градоначалникот и администрацијата да сработат што е можно повеќе проекти во периодот што претстои за, како што рече, да може следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веднаш после направениот ребаланс од буџетот да реалоцира средства и да се сработат тие проекти.