Политика на ВМРО-ДПМНЕ како десна партија е да имаме ниски даноци, да го стимулираме бизнисот. Токму затоа и овие неколку денови имавме состаноци со лица од стопанските комори, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ по неговата денешна средба со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.
Мицкоски посочи дека како Влада, во првите 100 дена од своето владеење дополнително ќе го намалат рамниот данок.
– Ние како идна влада ќе направиме уште во првите 100 дена прва владина одлука тој рамен данок дополнително да го намалуваме, од 10 на 8 проценти. Ова неправедно оданочување кое што го нарекуваат солидарност да престане да важи. Но, истовремено, ветуваме и безмилосна борба со сивата економија. Бидејќи нашата проценка е дека од прилика 400 до 500 милиони евра помалку се слеваат во буџетот затоа што имаме големо присуство на сива економија, рече тој.
Дополни дека поддршка во таа борба добиле од сите комори.
– Така што, тоа многу ни значи бидејќи мора со коморите да сме партнери. Затоа што сивата економија е она што е наш најголем проблем и таму лежат оние средства кои што остануваат ненаплатени и ни недостасуваат во буџетот, дополни тој.
Во врска со прашањето како ги коментира податоците за сопственоста за опожареното возило кое се поврзува со вицепремиерот Артан Груби, посочи дека, според него, станува збор за некаква политичка пресметка.
– Можам да кажам дека секој ваков криминален чин треба детално да се истражи, и сторителите, како и за сите други криминални чинови, треба да одговараат за стореното, без разлика чие возило е тоа, без разлика дали се однесува на опожарено возило или друг тип на криминал, тоа, сепак, е дел од криминалот. Претпоставувам во случајот станува збор за некаква криминална пресметка, рече тој.
Мицкоски потенцираше дека целиот случај треба детално да се истражи, сторителите да одговараат за сторено и дека јавноста има право да знае дали постои или не постои скриен имот.
– Но она што исто така во јавноста беше познато е што излезе во суштина возилото не било во сопственост на господинот кој што го споменавте, туку било во сопственост на некое друго правно лица кое што во минатото се поврзува со некои други бизнис активности. Така што, јас ги повикувам органите детално да го истражат овој случај. Се разбира сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, но, исто така, и поврзаноста на лицето кое што го споменавте со компанијата која што е сопственост на ова возило очекувам во најскоро време да биде истражено и расчистено пред јавноста бидејќи не смееме да оставаме таков вид на мистерии позади нас особено бидејќи сме политичари кои што вршиме јавна дејност и јавноста има право да знае дали навистина постои скриен имот или не постои скриен имот, додаде Мицкоски.
Во однос на прашањето за одлуката на САД да го стави бизнисменот Орце Камчев на црна листа поради корупција, тој одговои дека треба работите да ги гледаме отворено и, како што рече, на вистината да ѝ погледнеме во лице.
– Треба работите да ги гледаме отворено и на вистината да ѝ погледнеме во лице. Сѐ додека се обидуваме да политизираме и да водиме политика или ситно политиканство, тогаш, нема да одиме напред. Ние мораме прво да ги таргетираме кои се тие што се корумпирани и ако се корумпирани политичари, судии, обвинители или друг тип на јавни личности. Тогаш треба да видиме тие на кој список се, и час поскоро тој список јавноста да го види. Иако, јас повторно ќе кажам, го цениме мислењето на сите наши стратешки партнери, но, сѐ додека, самите не се завртиме внатре кон нас и додека самите не се пуитиме во безмилосна борба со криминалот и корупцијата, вакви случаи ќе ни се случуваат уште многу во иднина, рече тој.
Прашан дали Орце Камчев имал влијание врз одлуките на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се споменува дека се сретнува како донатор на партијата, тој одговори дека не се сеќава дека Камчев бил донарот.
– Не се сеќавам дека бил донатор бидејќи од ревизорските извештаи кои што се јавно достапни, името на ова лице не се наоѓа, рече Мицкоски.