Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во име на 44 пратеници на опозициската партија го изнесе ставот против уставните измени. Како што беше најавено, тие гласа и против дневниот ред на седницата на Комисијата за уставни прашања.
Мицевски повтори дека тие не прифаќаат уставни измени под диктат, притисок и наметнувања и оти тие никогаш нема да ги поддржат, затоа што тоа, според ВМРО-ДПМНЕ е директно кршење на суверенитетот на една земја.
-Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме, затоа што тоа е директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а огромно мнозинство од народот над 80 отсто вели „не“ на ваков начин на насилство од страна на власта. За жал трагичната вистина видлива и денес пред целата македонска јавност е дека ние имаме глува и слепа власт, рече Мицевски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не треба да не замајуваат изјавите дека ова е шанса која не смее да се пропушти и дека ова било шанса да се направела разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
-Секој еден кој без овие измени не умее да прави разлика меѓу двата народи и засебната различна илјадолетна историја, не смее да биде дел од овие клупи и овој Парламент, светиот дом на народната волја, права и достоинство. Не, господа, ова не е никаква шанса за напредок на целата држава. Ова е само шанса за нивно лично профитирање на грбот на македонскиот народ и Македонија, рече Мицевски.
Сега според него, работите се поинакви и народот виде дека од нивните големи ветувања не треба да се има големи очекувања, туку за жал само горчливи разочарувања.
-Зарем има некоја промена на подобро изминатите години и месеци во реториката или делата од страна на нашиот источен сосед. Одговорот е не. Гледаме само нови и нови омаловажувања, негации и барања за измени на учебници, историски настани и наративи. Барања за контрола на говорот и мислата, односно медиумите, пишаниот збор и создавањето културни дела. Обиди за цензура и на мислата и на историјата. Односно цензура на нашето постоење. Наместо за економија и инфраструктура испорачуваат декларации за “бугаризирање на илинденското востание“. Тоа е иднината која власта сака да ја катализира со овие уставни измени, рече Мицевски.
Тој потенцира дека уставни измени на крајот на евроинтегративниот процес, што тие ги барале ќе беа гаранција дека тој пат ќе се водеше без скриени намери за однародување на Македонците, или како што велат некои кругови во Софија „убивање на македонизмот“.
-Доколку на крајот на процесот се направат уставните измени ќе имавме некаква сигурност дека нема да бидеме блокирани за темите како историја, учебници, измислени и непостоечки говори на омраза и слични теми кои сега Софија сака да ги наметне, туку ќе се водеше процесот исклучиво според нивото на исполнување на Копенхашките критериуми, рече Мицевски.
Се обрати кон пратениците од власта велејќи им дека жално е што тие прифаќаат без борба дека Македонија е доведена пред свршен чин.
-Пред некој ден во софискиот Парламент се читаше декларација за наводен неточен и измислен бугарски карактер на најсветото македонско Илинденско востание. Еден од темелите на оваа држава. И тој го урнавте вие, заштитувачите на идентитетот. Вториот се викаше АСНОМ – и него го масакриравте во Уставот. Така вие делувате, божем штитејќи ги националните интереси истите ги распродавате, за да ги заштитите личните и интереси и бизниси и привилегии. И сега гледам, слушам и не ми се верува, СДСМ најавува дека ќе поднесела декларација за Илинденското востание! Истите оние кои лани-преклани одбиваа да усвоиме декларација за Гоце Делчев бидејќи немало потреба и ќе нанесела штета, сега ќе поднесела декларација за Илинденското востание?! Па зошто бе колеги, ако го заштитивте идентитетот, праша Мицевски.
Според него, ова е нелогично и рече дека тие она што треба да го направат пратениците од власта е да им се извинат на Илинденците „за изневерувањето кое им го направивте на нивната борба“.
Мицевски рече дека после ова негово излагање тие нема што повеќе да кажат, и побара уставните измени по скратени рокови да дојдат на пленарна седница. Повтори дека владејачката СДСМ одбила подадена рака и гласа на разумот.
-Затоа овие измени се осудени на пропаст. И не се обидувајте да правите нови поделби на тоа кој бил проевропски кој не, не се обидувајте да етикетирате и да делите на било каков начин, тоа веќе не поминува, рече Мицевски.