Објава на пресуда за „Рекет” – Јовановски во судница, Јанева во домашен притвор


Објава на пресуда за „Рекет” – Јовановски во судница, Јанева во домашен притвор - МИА

Скопје, 18 јуни 2020 () – На објавата на пресудата за случајот „Рекет“ денеска во големата сала на Врховниот суд во Скопје присуствува само првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, додека второобвинетата Катица Јанева не дојде во судот и одлуката ќе ја слушне во домашен притвор.


 

Во судница е присутна сопругата на Јордан Камчев, еден од сведоците во предметот, Ана Камчева. Брачниот пар Камчеви сведочеа како оштетени во случајот.

Пресудата за предметот ќе биде објавена по шест месеци судење.

Во тек на овој судски процес беа презенитрани низа материјални и вербални докази. Како сведоци за „Рекет“ во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинари од телевизијата 1ТВ, обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Фатиме Фетаи од СЈО и други. Обвинителството изнесе видео записи и фотографии обезбедени од ПИ мерки, како и фотографии и записиници од одземени предмети од домот и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот-оштетен бизнисменот Јордан Камчев.

Текот на предметот предизвика голем интерес во јавноста, често изјавите на сведоците, обвинетите или обвинителството беа теми на денот. Во медиумите често беа пренесувани пикантерии за приватниот живот на дел од обвинетите, но и лични коментари и изјави меѓу обвинителството и обвинетите од судницата. Поради големиот медиумски интерес Основниот кривичен суд одлучи пресудата да биде објавена во големата сала на Врховниот суд.

Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски, влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја”, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.

Јовановски и Јанева во своите завршни зборови пред судот негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат. Обвинителството, според нив, не изнело докази за делото за кое ги товари и дека целото обвинение е врз основа на исказ на еден сведок – кој е оштетен во случајот. Целиот случај за Јовановски е политичка конструкција, додека за Јанева е клевета.

Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството. оџ/

Пресуда за предметот ,,Рекет”

Posted by MИА.mk on Четврток, 18 јуни 2020