Николов:Граѓаните од соседството бираат со каква вакцина ќе се вакцинираат, а кај нас нема никаква, Филипче оставка!


Вакцините за КОВИД-19 претставуваат значајна алатка во борба со епидемијата со корона.



Додека во најголемиот број на земји во светот се одвива вакцинација против корона, додека тамошните граѓаните имаат можност да одберат тип на вакцина, кај нас ниту трага, ниту глас од долгонајавуваните вакцини, за коишто зборуваа Филипче и Заев.

Во повеќето земји граѓаните имаат право на избор помеѓу три вида на вакцина и граѓаните можат да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат,  кај нас нема никаква вакцина! Ниту за ризичните групи, ниту за останатите граѓани.

Во светот, земјите бројат колкав процент од население имаат вакцинирано и тоа на 100 илјади жители, во Македонија  возрасните лица, ризичните групи и оние кои се на линијата на фронтот со КОВИД-19 немаат можност да се вакцинираат. На таа листа ги нема дури ни Косово, ниту Босна и Херцеговина.

На врвот на светските листи по број на вакцинирани граѓани се Израел, Обединети Арапски Емирати, Сејшели, Обединетото кралство, Србија, Бахреин, САД, Малта, Исланд, Данска.

На двете светски листи и онаа на Ворлдометар и онаа на Блумберг од земјите во регионот по број на вакцинирани граѓани високо котираат Србија и Словенија. Србија е на десеттото место на светските листи!

Кај нас се кажува само дека вакцини ќе има по три механизми, но сепак до денес вакцини за КОВИД-19 нема. Ги нема ниту донираните вакцини од Бугарија, ниту донираните од Грција, а дури ниту вакцините од Србија која што ја има, но за која што регулативата на Македонија не бил подготвена целиот овој период.

Два месеци зборуваат дека обезбедиле вакцини преку КОВАКС механизмот, а не брифираат дека преку КОВАКС механизмот се снабдуваат со вакцини земјите од третиот свет.

Кој одлучи да го остави народот само на вакцини од КОВАКС механизмот? Зошто со време не се почнаа директни преговори со компаниите кои што произведуваат вакцини? Дали поважно беше да се организираат локални избори наместо да се работи на обезбедување на вакцини?

Дали некој ќе сноси одговорност за ваквата погрешна стратешка одлука?

Многу приказни, многу лаги, малку работа, дела нема воопшто.

Сето ова граѓаните скапо го плаќаат. Незаинтересираноста, неспособноста и неработливоста,  на владата на Зоран Заев се плаќа со животи по граѓаните. За ова одговорност мора да има!

Прашање: Кој е вашиот коментар за протестот на вашите колеги, здравствени работници од ГОБ “8 септември“?

Одговор: За колегите кои што се на првата линија и кои што секојдневно се соочуваат со заболени од КОВИД-19, давам апсолутна и целосна поддршка. Тие луѓе, тие колеги го гледаат секојдневниот ПИ-АР на владата и се чувствуваат излажани, измамени. Го гледаат секојдневниот ПИ-АР на министерството за здравство дека ќе има едно, ќе има друго, ќе има помош, ќе има бонус, ќе има вакцини, ќе има лекови и на крајот немаат што да прават, односно посегнуваат по единствениот механизам, а тоа е протест, со цел да се види нивната состојба и да се види состојбата на целокупното здравство во моментов во кој се наоѓаме, а посебно да се видат маките кои што ги имаат оние кои што ги викаме, борци на првата линија на фронтот или оние кои што работат во ковид зоните, ковид центрите, дури и оние кои што работат во амбулантите каде што доаѓаат пациенти кои што се суспектни за ковид, и така натаму.

Цела година  им беше ветувано дека ќе бидат вклучени во групата на персонал кој што прима инфективен ризик, цела година им беше ветувано дека ќе им бидат подобрени условите на работа, за да на крајот се соочат единствено со гол ПИ-АР, кој што секојдневно го гледаат и кој што секојдневно ги иритира.