Николоски за Независен: Време за рационалност, промени и работа


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ



(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Зад нас се две возбудливи недели на огромни промени и предизвици за Македонија. Од една страна политиката на неправење реформи дома и продавање магла надвор се соочи со реалноста дека не поминува во ЕУ, од друга политичка одговорност мора да има и затоа оваа влада на Заев паѓа и одиме на избори. Да бидам директен – основна причина зошто нема датум за почеток на преговори е ниското ниво на реформи, како и ставањето на Македонија во иста група со Албанија. За овие две работи имам посветено барем десетина колумни на страниците на „Независен весник“, во кои предупредував и апелирав да се земат сериозно тие предупредувања. Предупредував дека датум нема да има ни во јуни 2018, ни во јуни 2019, ни во октомври 2019 ако не се направат реформите кои значат подобар живот на граѓаните и ако Македонија не излезе од групата со Албанија. Заев и Димитров решија да го игнорираат тоа и денес сме каде што сме. Македонија апсолутно има европска иднина и може и треба да почне преговори со ЕУ. Тоа една нова и одговорна влада може да го реализира.

Во викендов зад нас практично се обзнани и падот на Зоран Заев. Тој е минато во Република Македонија и заврши неговата политичка кариера, останува запишан на најтемните страници на историјата. На Македонија ѝ треба и тие страници на историјата да се пишуваат за да паметат следните генерации како не треба. Заев, всушност, е пример како еден политичар на висока функција може да уништи нешто што е создавано со децении. Тој е пример, исто така, како една огромна меѓународна поддршка може да се прокоцка заради ситни лукративни интереси, заради криминал и корупција.

Оттука јасно е дека многу граѓани се разочарани и гневни и треба да се. Едноставно, не смеат да бидат жртви на неспособноста на оваа влада. Но суровата вистина е дека ЕУ ги оценува државите, пред сè според перформансот на владите. Владата на Заев има катастрофално неспособна дипломатија, затоа што со променето име, штетен договор со Бугарија и со сите национални концесии кои ги направија не може да добијат датум за преговори, а камоли да почнат со преговори за членство во Европската Унија.