Николоски: Владата требаше да си даде оставка, три дена по ред доаѓа народ и бара оставка


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во своето гостување во емисијата „Заспиј ако можеш” која се емитува на телевизија Алфа, ги коментираше протестите кои одржуваат против прифаќањето на францускиот предлог за бугаризација на Македонија и рече дека е многу среќен што десетици илјади граѓани ги поддржуваат истите тие протести и убеден дека доколку економските услови во Македонија, да можеа луѓето да си дозволат да ставаат бензин во своите автомобили, ќе имаше и стотици илјади затоа што врие кај Македонецот, но врие и во другите градови во Македонија.
Николоски ги коментираше и денешните инциденти пред владата.

 

 

– Овие протести станаа едно убаво движење на Македонецот, многу сум среќен што Македонците го покажаа патриотизмот бидејќи многумина мислеа дека Македонецот го изгубил патриотизмот и го закопал длабоко во себе но на овие протести гледаме дека не е така и дека патриотизмот е тука и само треба да се разбуди. Среќен сум што ни се придружуваат и наши пријатели од останатите, делови и народи кои живеат во Македонија, гледам многу Срби, Роми, Власи кои доаѓаат, гледам Турци кои доаѓаат и тоа е многу битно затоа што ова е заедничка битка а знам дека има и бројни Албанци кои ова го поддржуваат, дел од нив доаѓаат на протестите, дел интимно.
Она што беше вечерва беше еден спонтан израз на незадоволството на народот, во услови кога владата континуирано го игнорира народниот револт, во услови кога три дена со ред излегува народот, скоро и да не се случило во историјата на државата три дена со ред спонтано и самоорганизирано да излегуваат пред влада, нормална влада или би си дала оставка, или би се повлекла од решението, во случајов овој предлог кој што значи бришење на Македонците, на македонскиот јазик, македонската историја и македонската култура. Наместо тоа, тие одат кон арогантно носење на истиот, има некои најави дека овој документ утре ќе биде усвоен во Владата и на крајот на денот тоа не значи ништо затоа што основа на овој документ е промената на Уставот, а за промената на Уставот е потребно двотретинско мнозинство.
Ние јасно кажавме и вечерва од тука сакам да повторам дека ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група нема да гласа за промена на Уставот на Македонија!
Тоа значи дека Уставот нема да се промени, со тоа што нема да се промени, паѓа договорот. Бидејќи, основа на договорот кој го направија Ковачевски и Петков е промената на Уставот и ние тоа нема да го дозволиме, односно во Собранието нема да го поддржиме а без нас, немаат двотретинско мнозинство – рече Николоски.

Николоски во однос на ова што се случи вечерва пред владата, рече во такви услови нормално е да има револт и дека некои луѓе се поемотивни и го изразиле на начин на кој го изразија и за него секој револт е оправдан.

– За мене, тоа што луѓето ги боли значи многу и ова што се случи вечерва треба да го загрижи СДСМ и ДУИ, Ковачевски и Ахмети, а не да нѐ загрижува нас. Јас не би го нарекол инцидент затоа што немаше никакви физички напад, туку беше едно изразување на немир кај народот – заклучи Николоски.