Можноста за онлајн изјаснување на пратениците на пленарна седницата


– И покрај различните ставови на владејачкото мнозинство и опозицијата, предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, се најде на дневен ред на 22. седница кој треба да започне денеска. По неколку недели, според информациите од Собранието, се очекува мнозинството да има доволен број пратеници, 61 за негово носење, бидејќи неколкумината позитивни од Ковид-19 или во самоизолација неделава се вратиле на работа.



Со предлогот се предвидува пратеници со позитивен тест за Ковид-19 и со решение за изолација да можат да се изјаснуваат на пленарни седници и на седници на собраниските комисии, а го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери. Речиси ист предлог во јавноста соопшти во средината на октомври и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. И тогаш и сега, опозициските партии беа против ваквото решение посочувајќи дека тоа е противуставно и дека со ова се сака да се покрие тенкото мнзоинство на власта во Парламентот. ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива не соопштија дали ќе присуствуваат на денешната седница, но по ставањето на седница на предлогот од страна на Џафери најавија дека нема да присуствуваат на координациите со него и на одредени седници на Собранието.

Џафери пред два дена во изјава за МИА истакна дека опозицијата навремено била запозната со идејата за предлогот за работа на далечина на пратениците во случај на Ковид-19 и самоизолација потенцирајќи дека дополнувањето се однесува само на пратеници кои ќе имаат решение од соодветна институција и доколку состојбата им дозволува да се вклучат онлајн, односно ако се асимптоматски случаи или со лесни симптоми на домашно лекување.

– Повикот до пратениците од опозицијата е да останат вклучени во работата на Собранието. Навреме се соопштени сите идеи. Три месеци зборуваме за тоа. Собранието нема целосно да работи онлајн. Тоа не е идејата, изјави Џафери за МИА

Според него, за да се понуди соодветен одговор за функционално Собрание, треба да се има политичка волја.