МОСТ: Вториот круг на изборите помина во фер и демократска атмосфера


Прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека и во вториот круг од изборите за претседател на државата граѓаните овој пат во доволен број, слободно излегоа да го дадат својот глас, а гласањето се спроведе во фер и демократска атмосфера.


 

– Во текот на изборниот ден беа забележани само неколку изолирани случаи на неправилности кои не влијаеја на квалитетот на изборниот процес, посочи претседателот на МОСТ, Дарко Алексов.

Наведоа дека Државната комисија за спречување на корупција помеѓу двата круга постапувала по четири приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ во однос на потенцијална злоупотреба на државните ресурси при што основано ги одбила сите приговори.

Како што нагласи Алексов, МОСТ го поздравува однесувањето на ДКСК во овие избори.

МОСТ ја повторува препораката во најскоро време надлежните институции да ги отстранат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список, иако на овие избори не беше забележан поголем број избирачи кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список.

– Иако ДИК ја продолжи позитивната практика од референдумот и при одлучувањето по приговорите, во првиот круг не можеше да се забележи гласање по партиски линии, сепак ДИК во четири случаи поништи гласање без да го отвори целокупниот изборен материјал, а тоа е обврска предвидена со Изборниот законик. Исто така еден приговор беше отфрлен, иако во записникот од избирачкото место имаше забелешка која укажува на тоа дека ИО не го спровел гласањето во согласност со Изборниот законик, нагласи Алексов.