
Скопје, 4 септември 2020 () – До 10 септември општините, како основачи на училиштата, треба да одговорат до Министерството за образование и наука за моделот на настава во нивните училишта и да аплицираат за физичко присуство, а МОН и владината комисија ќе им даваат одобренија ако се исполнети условите.
Тие што немаат услови, ќе организираат онлајн-настава. Паралелно со условите за настава со присуство, се подобруваат и техничките услови за непречено учење од далечина преку обезбедување брз и стабилен интернет. Се работи и на надминување на проблемот со опременоста на учениците од социјално загрозени семејства за што ќе се бара решение и од општествено одговорни компании.
Министерството за образование и наука ги продолжи консултативните состаноци за подготовка на училиштата за почетокот на учебната 2020/2021 година и за информирање за Планот за воспитно-образовниот процес што го усвои Владата. Тој беше дискутиран со директори на училишта, а денеска министерката за образование и наука Мила Царовска имаше средба и со градоначалници на општини на која беше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој е и претседател на Заедницата на единиците на локална самоуптава (ЗЕЛС).
Царовска во изјава за медиумите рече дека дел од училиштата се подготвени за настава со физичко присуство согласно со здравствените протоколи и доставуваат барања за одобрение, други училишта се подготвуваат за онлајн-настава за која се подготвува национална платформа. Тест-верзијата на платформата е готова и наскоро ќе биде презентирана во јавноста. Таа ќе биде едноставна за користење, рече Царовска, и сите наставници ќе бидат обучени и ќе имаат пристап.
-Според Планот, имаме флексибилност и комбинираност на наставата зашто некаде тоа го наложуваат условите, а во други моменти и здравствената состојба на учениците или на наставниците и тоа треба да се има предвид. Ширината на овој План дава можност и токму за тоа денеска разговараме со градоначалниците за нивната подотвеност, изјави Царовска и повтори дека се работи за динамичен процес и дека моделите за настава може да се менуваат во текот на училишната година во зависност на менувањето на епидемилошката слика и според насоките на Комисијата за заразни болести.