Младински сојуз: Младите од Македонија и Грција веруваат во заедничката иднина


– Младите од  Македонија и од Грција веруваат во заедничката соработка и иднина. Треба да им се даде глас за да создадат подобри механизми за меѓусебна соработка и да се запознаваат едни со други преку различни начини и активности. Ова е заклучокот од дводневната конференција што се одржа во Скопје за основање канцеларии за младинска соработка меѓу двете држави.


 

Истражувањето за перцепцијата на младите, што го направи Младинскиот сојуз, а кое беше презентирано на конференцијата, покажува дека младите од Грција ретко патуваат во Македонија (37 отсто), за разлика од младите од Македонија кои значително повеќе патуваат во Грција (83,6 отсто). Но, двете страни веруваат дека има простор ова да се промени. Така, 86 отсто од младите во Грција сакаат да патуваат во  Македонија и идентичен број на млади од земјава (88 отсто) како своја омилена дестинација за патување би ја избрале Грција.

– Главните причини за досегашните патувања на младите биле туризмот или сезонска работа што е секако позитивно, но резултира и со недоволно информации и можности за меѓусебно запознавање и иницирање на соработка. Младите од двете соседни земји веруваат дека токму тие и граѓанскиот сектор се одговорни да креираат подобри можности за меѓусебно запознавање. Тоа ме охрабрува дека ваквите заклучоци од истражувањето дополнително ќе ги мотивираат надлежните институции од двете земји поинтензивно да соработуваат, а со цел креирање на подобри услови за работа и поврзување на младите што е од интерес на сите, вели Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз  – Крушево.

Во рамки на истражувањето за перцепциите на младите луѓе, преку интервјуа, анкета и фокус групи беа вклучени над 700 млади од двете земји на возраст меѓу 18 и 35 години.

На дводневната конференција, како што денеска информираа од Младинскиот сојуз, сите учесници се согласиле дека Договорот од Преспа бил важен чекор за нормализирање на односите меѓу двете земји и позитивен чекор напред во однос на институционалната соработка. Врз основа на ова, и владите на земјите треба да го вложат своето политичко влијание за да создадат директен механизам за конкретни младински активности меѓу двете земји.

За време на конференцијата е креиран и предлог документ со политики и активности кој ќе биде испратен до министерствата за надворешни работи на двете земји.

Конференцијата е финален дел од првата фаза на спроведување на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција од страна на Младински Сојуз – Крушево. Проектот е поддржан од амбасадите на Германија и САД и целта е да се основаат повеќе билатерални младински канцеларии во двете соседни земји. Веќе се отворени првите две младински канцеларии со локации во Солун и Валандово, а над 500 луѓе се вклучени во различни програми за размена на знаења и искуства.