Мицкоски: Во политиката влегов за да работам за народот и да ја реформирам Македонија


Мицкоски: Почнува обновата, секој што сторил криминал ќе одговара - МИА

Скопје, 8 јули 2020 () – Јас во политиката не влегов за да направам семејно богатство, туку за да работам за народот и да ја реформирам Македонија како земја членка на Европската Унија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „Клан дебата“ на ТВ Клан Македонија.


 

– Ние не влегуваме во оваа работа за да го зголемиме нашето семејно богатство, не влегуваме за да обелиме некои наши минати лоши моменти преточени во судски одлуки, па да бараме определени амнестии. Влегуваме без никаква дамка, влегуваме многу мотивирани и знаеме кон што се стремиме. Сакаме да испишеме нова заедничка историја без разлика на етничката припадност дали сме Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми…, истакна Мицкоски.

За земјата што побрзо се интегрира во Европската Унија, тој посочи дека ќе направи се она што е спротивно на денешната реалност во која, наведува, „ќе нема Луј Витон куферчиња полни со пари од рекетирани бизнисмени и во која нема да има нарачани судски пресуди и повластени семејства“.

– Се она што е спротивно од денешната реалност. Да нема Луј Витон куферчиња, да нема трас-трас одлуки, да нема повластени политички семејства, да работат институциите и да функционираат чесно, да се почитуваат законите. Да имаме мотив кај луѓето да се стремат кон одредена цел и да се борат за таа цел, а не да се предаваат бидејќи гледаат дека околу нив, тие кои што треба да ги водат, се практично, до гуша заглавени во криминал. Да немаме заробено обвинителство, да немаме заробено судство, да имаме идеја во економијата а не како сега безидејност. Така што има многу работи кои што треба да се направат кои што се спротивни и се антипод на ова што денеска е реалност во нашата земја, вели Мицкоски.

Според него, во државава, но и надвор од неа имаме квалитетен човечки потенцијал, со кои, посочува, на достоинствен и на чесен начин ќе ги отворат и затворат поглавјата и кластерите за членство во Европската Унија.

– Убеден сум во човечкиот потенцијал во институциите, но убеден сум и во човечкиот потенцијал со кој што располагаме надвор од нашата држава. Луѓето ќе се мобилизираат, имаме јасен план, кој луѓе во кои области, и ценам дека многу побргу и ќе покажеме како всушност се отвараат и затвараат поглавјата и кластерите за кои треба да се преговара, но на чесен и достоинствен начин, констатираше Мицкоски.