(ВИДЕО) Мицкоски: Не ми дозволија да го видам Јанакиески


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски попладнево отиде во ГОБ „8-ми Септември“ да го посети поранешниот министер Миле Јанакиески, кој бил згрижен таму по инцидентот во затворот „Скопје“ во Шутка, каде издржува мерка притвор, но, како што рече не му било дозволено да го види.



-Не ми дозволија да го видам  Миле Јанакиески, ниту пак некој од болницата дојде да ни објасни што се случило, ниту некој ни кажа како ќе се развиваат работите натаму. За волја на вистината дојде само дежурниот доктор, ни ја објасни дијагнозата, дека има повреди по телото, рече Мицкоски.

Тој истакна дека државата не успеала да ги заштити животите, ниту на Јанакиески, ниту на поранешниот министер Спиро Ристоски, кој исто така издржува мерка притвор  и бил дел од инцидентот, и побара оставка од премиерот Зоран Заев и министрите за правда и за внатрешни работи Рената Дескоска и Оливер Спасовски. За овие случувања, рече, ќе ги информира сите релевантни меѓународни институции.

На Јанакиески синоќа му беше одреден 30-дневен притвор во врска со случувањата во Собранието на „27 април“. За истиот случај притвор доби и поранешниот министер Спиро Ристовски.

Повеќе медиуми денеска објавија дека Јанакиески и Ристовски, биле повредени во физичка пресметка во затворот. Оттаму го потврдија инцидентот, но посочија оти предизвикувачи биле Ристовски и Јанакиески. Од ГОБ „8-ми Септември“, попладнево потврдија дека кај нив бил примен Јанакиески, но оти не му биле констатирани телесни повреди.