Мицкоски: ​Македонија денеска кажа, соопшти, дека договорот не поминува!


Името ни е големо, велеше Блаже Конески.



​Ова е Македонија, секој еден од вас, старо младо, машко и женско.

​Македонија денеска кажа, соопшти, дека договорот не поминува. Имаме длабоко неуспешен референдум. Политиката на владата и Зоран Заев доживеа дебакл, а денес Македонија вистински победи.

​Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен договор, односно бројот на граѓани кои апстинираа од гласање или пак гласаа против договорот е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за договорот.

​Факт е дека договорот со Грција не доби зелено светло, доби стоп од народот. А, народот, народот на Република Македонија кои се сопственици на оваа земја покажа исклучителна демократска и патриотска свест.

​Граѓаните, оние кои гласаа против договорот, и оние кои одбраа со апстиненција да кажат што мислат ја испратија најгласната порака – Ова е Македонија, овде живеат Македонци, нашиот идентитет е македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци се Македонци такви ќе бидат и идните наши поколенија, и затоа ви благодарам и ја имате мојата почит.

​Нашиот народ е силен. Народот не го скршија, ниту уцените, ниту бруталните закани, ниту јавувањата на директорите по институции, ниту правените списоци и малтретирања на граѓаните.

​Дека власта е разголена и тотално разобличена со сета своја немоќ покажуваат и оние очајни обиди наводно во име на ВМРО-ДПМНЕ да се праќаат пораки до нашето членство се со цел да излезат на гласање, или работата на кол центрите од власта кои се јавуваа на граѓани, во време на изборниот молк за да излезат да гласаат.

​Почитувани сограѓани,

Ќе дојде време да одговараат за малтретирањето на народот, но и да се одговори како тоа приватните телефонски броеви на граѓани се најдоа во рацете на луѓе на штабот на власта и СДСМ.

​Ќе одговарате и за наполнетите кутии во Сарај, Струга, и на други места каде пробавте да ја фалсификувавте волјата на народот и ќе дојде часот кога ќе треба да објасните зошто минатите избори имаше 45% излезеност, а сега фантастични 95%.