Меѓусебни обвинувања и во текот на расправата по предлог-измените на Законот за градење

koridori
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата денеска повторно ги спротивставија ставовите околу предлог-законските измени за изградба на коридорите 8 и 10д. Расправата и овојпат се сведе на обвинувања – кој работи „за“, а кој „против“ граѓаните и државата, кој се грижи за националниот интерес, а кој собира дневно-политички поени.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, како и останатиот сет закони за коридорите, се носи „шверцерски“, нетранспарентно, за да се испумпаат ветените провизии и пенали, додека според СДСМ единствена цел е брза, ефикасна и економична изградба на патната инфраструктура.


Во дел од расправата се спомнаа и Субрата Рој, како и „Скопје 2014“.

-Го заобиколувате системот и тука нема ништо европско. Не се кратат роковите, како што велите, туку комплетно се прескокнуваат процедурите на градење. Всушност, Груби и Ковачевски треба да испумпаат 300 милиони евра, тоа треба да се направи со овие закони, зашто едно е да поедноставите, а друго да заобиколувате и да прескокнувате цели фази од постапките за градење. Во позадина се лукртаивните причини на оние кои ве тераат да ги изгласате законските измени. Ние сме против да се искраде, а не против да се изгради, рече Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ.

На тоа реплицираше Жаклина Лазаревска.

-Да се почне изградбата, за вас ќе биде погубно. Вие не им сакате добро на граѓаните и државата, само сакате да поентирате за вашата криминална партија. Со „жолтите“ за колку се договаравте? Треба да се засрамите, рече Жаклина Лазаревска.

Пенков во контрареплика напомена дека со законите не смее да се дозволат никакви импровизиации.

-Сакам уште еднаш да апелирам до пратениците, секогаш кога ќе има гласање за овој сет законски решенија да не дозволиме плаќање огромни суми како во овој случај 117 милиони евра. Гласањето да биде во насока на фактите, а не во насока на продолжување на лагодниот живот на одредени претставници од СДСМ и ДУИ, рече Пенков.

За реплика се јави и Марија Костадинова од СДСМ, потсетувајќи ги пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на соработката со Субрата Рој.

-Дали го шетавте Субрата Рој? Ако бевте толку добри во крадење, а не во градење, немаше да не исмејуваат и да го нарекуваат Скопје град на кичот, истакна пратеничката.

Расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење ќе продолжи во 15:30 часот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK