Маричиќ објави дека нема да оди во Софија поради позитивен тест на Ковид-19


– Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на својот фејсбук-профил информира дека поради позитивен тест на Ковид-19 нема да биде дел од владината делегација што од денеска е во официјална посета на Софија.


 

Маричиќ истакнува дека не чувствува никакви симптоми, но наведува дека како што наложуваат правилата ќе биде во изолација.

– За жал, нема да сум присутен и на првиот состанок на заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики со која јас копретседавам, но останувам во комуникација со колегите Грковска, Нуредини и Алити, како и со моите бугарски колеги околу деталите и заклучоците од средбата, наведува Маричиќ.

Порачува дека започнуваме со нова динамика и отвораме нова можност со Република Бугарија на, посочува, еден поинаков начин на меѓусебна комуникација и соработка, од која очекуваме унапредување на односите и надминување на разликите во интерес на граѓаните на двете земји.

– Давам целосна поддршка на процесот на продлабочување на соработката на сите нивоа и во сите области, како и зближување на двата народи, преку видливи резултати од функционирањето на работните групи, напиша вицепремиерот Маричиќ.