Маричиќ: Добро е за државата што успешно го завршуваме пописот



– Министерот за правда Бојан Маричиќ смета дека до крајот на следната недела успешно ќе финишира попишувањето на населението. Според него, добро е што апелите за бојкот не наидоа на поддршка кај граѓаните, кои се свесни за значењето на оваа голема статистичка операција.


 

-Задоволени сме што пописот тече успешно. Досега 1.400.000 граѓани се попишаа. Сигурен сум дека до крајот на идната недела кога завршува пописот ќе имаме покомплетна бројка. Имаме потоа неколку месеци за сумирање на резултатите. Овој попис се прави по методологија на Евростат, подготвуван е многу долго и се спроведува по 20 години. Ова е натпартиска операција и навистина жалам што некои помали политички партии место да го поддржат, решија да собираат политички поени на пописот, но на крајот убеден дека сите ќе бидеме задоволни од тоа како го изведовме пописот, рече Маричиќ во своето гостување на ТВ24.

Министерот Маричиќ информира дека податоците собрани од пописот се навистина потребни за идните долгорочни развојни политики на земјата. Дополнително, информираше дека попишувачите се од сите етнички заедници и дека процесот е целосно инклузивен.