Левица: Богоев склучил три договори со Агенција Рејтинг СП-М за сомнителни услуги во вкупен износ од 815.380 денари


Со нарачани лајкови во штабовите, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, го правда нерационалното трошење на пари на жителите на Карпош и договорите потпишани со Никола Спасов.



Покрај скандалозниот договор за прес-клипинг, за кој жителите ќе платат 245.322 денари, Богоев склучил три договори со Агенција Рејтинг СП-М за сомнителни услуги во вкупен износ од 815.380 денари. Имено, се работи за договори за услуга за спроведување анкета на територијата на Општина Карпош, нешто што може самата општина да го спроведе со едноставни прашања, наместо да троши илјадници евра за ангажирање на агенција.

Договорите се склучени со лицето Никола Спасов, кој e син на Ѓорѓи Спасов, поранешен министер за правда, пратеник и генерален-секретар на СДСМ во времето на најцрните транзициски денови. Инаку, Ѓорѓи Спасов е основач на Агенција Рејтинг.

За Никола Спасов, медиумите во 2018 година пишуваа дека е поврзан со светскиот скандал „Кембриџ аналитика“, кој се однесува на кражба на лични податоци од над 50 милиони корисници на Фејсбук за политички цели, а е голем поддржувач на функционерите на СДС.

Оттука, не е воопшто чудна хистеричната реакција на Богоев и поединци од НГО секторот, кои се покажаа како најголеми гласноговорници за промената на името и се во првите борбени линии во одбрана на криминалното владеење на СДС.

Левица не ја води битката со лајкови, туку со факти и докази. Евидентно е дека постојат бројни докази за нерационалното трошење пари од страна на Богоев во сите овие години како градоначалник на Карпош и истите не смеат да поминат неказнето.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА