Комисиската седница за Предлог-законот за данок на солидарност ќе продолжи утре

sobranie
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Седницата на Комисијата за европски прашања посветена на Предлог-законот за данок на солидарност (по скратена постапка) ќе продолжи утре. Попладнево пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваа предлогот со став дека Владата нема право да им наметнува нови давачки на фирми кои се борат да работат чесно.

Пратеничката Жаклина Пешевска рече дека за компаниите да плаќаат солидарно, Владата треба да покаже солидарност, а не, како што рече, „да троши немилосрдно“.


-Ова е избрзано и недоволно разработено, погрешно поставено решение. Ќе се казнуваат најпрофитабилни компании, тоа се стопанствениците што го полнат буџетот. Владата треба да се насочи кон борба со сивата економија од каде може да се зафатат многу повеќе средства, рече Пешевска.

На нејзиното излагање дека никаде во Европа земјите не вовеле солидарен данок за да се оданочат компании кои оствариле профити, реплицираше министерот за финансии Фатмир Бесими кој посочи дека го има во Хрватска, Унгарија, Бугарија, Шпанија и во други земји на ЕУ,  но и во Велика Британија која не е членка на Унијата.

Посочи дека првите три точки од меморандумот што Владата треба да го потпише со Европската комисија се овие три закони за даночна реформа (данок на солидарност, на додадена вредност и данок на добивка) и затоа тие се дискутираат во Комисијата за европски прашања.

Министерот рече дека даночното оптоварување за обврзниците кај нас е околу 8 отсто по сите даноци и дека е меѓу најниските во Европа.  Во кризните години поради пандемијата, Владата со 150 милиони евра помогнала да се задржат 80 000 работни места. Речиси две милијарди евра во три години биле наменети за антикризните мерки за помош на граѓани и фирми или 13-14 отсто од БДП, а тоа се, рече тој,  сериозни износи.

Пред крајот на седницата се заостри полемиката откако пратеничката Бети Стаменковска му кажа на Бесими дека лаже, а тој и одговори дека го навредува. Таа рече дека регулативите на ЕУ за кои зборувал се поврзуваат со енергенси и електрична енергија.

-А вие се повикувате на маркети за прехрана. Дали на нив ќе се воведува солидарност? Под влијание на овој закон ќе бидат 6200 вработени и нивни семејства. Ќе бидат опфатени и ланец маркети каде пазарат граѓаните. Дали тоа ќе влијае на малопродажните цени на производите зашто исправно ќе биде маржите да ги зголемат, рече Стаменковска.

Продолжението на комисиската седница на Предлог-законот за данок на солидарност (по скратена постапка) ќе продолжи утре.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK