На денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања продолжи дебатата за вториот од трите закони за даночна реформа – Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека нема да ги поддржат новите закони од даночната реформа, бидејќи, како што посочија, се убедени дека се штетни за македонската економија.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска истакна дека бараат дебата за да образложат зошто е важно да не се зголемува ДДВ-то со цел, како што рече, домаќинствата да продолжат да се греат на пелети и со цел да се заштити животната средина.
-Со амандманите на законот за ДДВ бараме сите производи за човечка исхрана да бидат со даночна стапка од нула проценти или 5 проценти како што беше и досега. Бараме веднаш да се објави листата на производи кои сакате да ги поскапите за 5 или 13 проценти. Бараме да се отфрли предлогот на Владата пелетите и печките на пелети да не бидат со 18 проценти, туку да останат со 5 проценти. Бараме огревното дрво да се одданочи со 5 проценти, а не со 18 проценти како досега. На барање на ветеринарите, ветеринарните услуги да бидат со 5 проценти ДДВ, а ДДВ-то за промет на станови да остане 5 проценти до влезот во Европската унија, наместо до 2025 година. ДДВ-то за електрична енергија да се намали на 5 наместо досегашните 18 проценти, рече Петковска.
Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин, предложи да биде поднесен еден комисиски амандман за пелетите бидејќи амандманите и на опозицијата и на власта се исти.
-За сите нас е прифатливо данокот да остане 5 проценти за пелетите. Бидејќи немаме суштинска разлика, мој предлог е да поднесеме комисиски амандман кој корегиран од технички аспект ќего усвоите како Комисија за да ја постигнеме заедничката цел – ДДВ-то да остане 5 проценти, рече Морачанин.
Пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска Ванчева укажа дека ниту едниот ниту вториот амандман правно и технички не можат да бидат усвоени. Таа потенцира дека ако бидат усвоени и едниот и другиот на начин како што се предложени, нема да направат ништо, односно ќе се избрише одредбата од постоечкиот закон каде што стои повластената стапка од 5 проценти.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ побара Владата или Министерството за финансии во текот на овој ден или најдоцна до утре да ја објават јавно листата на производи кај кои ќе се зголеми ДДВ-то.
– Деведесет проценти од производите што секојдневно ги користиме, остануваат со повластена стапка од пет проценти, додека мал дел кои се луксузни производи и што ги користи мал дел од населението, ќе бидат со повластена стапка од 10 проценти, рече заменик-министерот за финансии Филип Николоски.