Комисијата за земјоделство ги усвои предлог-законите од дневниот ред, во тек расправата по Информацијата за тутунот


– Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната седница ги усвои сите шест предлог-закони од дневниот ред.



Предлог-законите поминаа без дискусија.

Пред членовите на Комисијата беа предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал и на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, како и предлог-законите за изменување на законите за вршење земјоделска дејност, за селекционерски права, за пасишта и за сточарство, сите во прво читање.

Целта на измените, како што стои во предложените текстови, е усогласување на овие закони со Законот за прекршоци, односно намалување на глобите, но и менување на името на државата од Република Македонија, во Република Северна Македонија. Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, беа за намалување на глобите, но против промената на државното име во законите, поради што не дадоа поддршка на измените.

Во тек е расправата по Информацијата за состојбата на тутунот од реколта 2020-2021 заклучно со 21.12.2020 година, поднесена од пратениците Александар Николоски, Љупчо Димовски, Дајанчо Ефтимов, Златко Пенков, Мирче Аџиоски, Здравко Трајанов, Кирил Пецаков, Александар Велјановски, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов, Бети Стаменкоска Трајкоска, Даниела Христова, Лидија Петкоска, Ангелинка Петкова, Бране Петрушевски, Миле Лефков, Иван Јорданов, Бојан Стојаноски, Рашела Мизрахи, Благица Ласовска, Петар Ристески и Никола Мицевски.