Јоурова: Владеењето на правото е во сржта на процесот на пристапување во ЕУ


Од гледна точка на Европската комисија, нема сомнеж за европските перспективи на Западен Балкан. Регионот е и ќе остане приоритет и сето тоа почива на вистински, одржливи резултати особено во сферата на владеењето на правото. ЕК е цврсто уверена дека и Албанија и Северна Македонија остварија доволен напредок што го оправдува отворањето на преговорите за членство, меѓутоа постои значителен делокруг во кој би можело да се подобри владеењето на правото во сите земји на Западниот Балкан, истакна еврокесарката за правда Вера Јоурова на прес-конференцијата по првиот ден на Министерскиот форум за правда и за внатрешни работи на ЕУ и Западен Балкан.

Јоурова повтори дека се уште се потребни сеопфатни и одржливи реформи во клучните области и оти напредокот низ овој процес на проширувањето е, пред се, во рацете на земјите од Западниот Балкан.

-Владеењето на правото е во сржта на процесот на пристапување на ЕУ. Комисијата е подготвена и понатаму да ги поддржува своите партнери од Западен Балкан преку финансиска, техничка и експертска помош, рече еврокомесарката, додавајќи дека на форумот се дискутирало за реформите во правосудството, за бробата против корупцијата и организираниот криминал, за темелните права, за функционирањето на демократските институции, а делумно и за реформата на јавната администрација.

Министрите, според неа се согласиле дека спроведувањето на реформите треба да биде во поголем фокус и оти тие треба да се одредат за приоритети, да се подобри ефикасноста на правосудниот систем, да се подобрат напорите за да се реши заостанатиот број на предметите и да се спроведат дигитализирани системи за управување, да се зајакнат напорите за борба против корупцијата, како и да се подобрат затворските услови за да се задоволат стандардите на Советот на Европа и размена на искуства.

Јоурова, одговарајќи на новинарско прашање, изрази уверување дека земјата ќе најде свој начин да гарантира правосудство кое ќе ужива доверба кај граѓаните.

-Сакаме да видиме секторот правосудство да биде пополнет со професионалци кои ќе уживаат доверба, за кои нема да има сомнежи околу нивниот интегритет и нивната професионалност, па процесот на ветинг може да е еден од инструментите што тоа може да го гарантира, рече еврокомесарката.

Јоурова информира дека ЕК ја разгледува новата методологија за проширување на предлог на  Франција и најави дека нон-пејперот ќе биде тема на утрешниот состанок на Советот за општи работи – ГАК.

-Јас лично гледам некои корисни работи во однос на нашиот сегашен систем на оценување на квалитетот и независноста на судскиот систем. Тоа е картичка или табела со резулати во судството. Ќе бидат поставени репери и критериуми и за економскиот пропсперитет. Останува на земјите членки да разговараат за нон-пејперот и додека трае таа дискусија да земат предвид дека Севрена Македонија и Албанија го направија тоа што побаравме од нив да го направам. Мислам дека дискусијата треба да биде праведна во смисол да одаде признание за постигнатиот напредок на двете земји и дека ќе отвори надеж за промена на ставот на Советот на ЕУ на самитот во Загреб. Јас не можам ништо да ветам, тоа треба да го одлучи Советот на ЕУ, а одлуките се донесуваат едногласно, рече еврокомесарката Јоурова.

Финската министерка Ана Марија Хенриксен  истакна дека нејзината земја има фер политика кон проширувањето кое, како што рече, е инструмент на промоција на мирот.

-Верувам дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ. Сепак сите критериуми за членство мора да се исполнат пред да се стане член на ЕУ, а особено реформите во сферата на владеење на правото што е од суштествена важност. Потребен е и напредок во слободата на медиумите, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Сакам да ја истакнам и важноста на младите тие се нашата иднина и многу е важно да се слушнат и нивните ставови, рече министерката Марија Хенриксен.

Пристапувањето во членство во ЕУ, додаде таа, бара многу работа, меѓутоа напорите навистина ќе им се исплатат на граѓаните и тие ќе ги почувствуваат придобивките уште пред да се случи членството.

Денешниот форум го оцени како интересен и корисен. Освен темите кои веќе беа споменати, на состанокот било дискутирано и за изборите.

-Министрите  ја препознаа важноста на слободните фер и транспарентни избори усогласени со меѓународните стандарди и преземени обврски. Потребни се натамошни напори и политичка волја за да се одговори и да се постапи по препораките на ОБСЕ/ОДИХР, рече Марија Хенриксен.

Министерскиот форум за правда и за внатрешни работи на ЕУ и Западен Балкан продолжува утре со средба на министрите за внатрешни работи.

Вести

„Епл“ вети дека ќе го разгледа прашањето за Крим

Претставник на технолошката компанија „Епл“ внимателно ќе го изучи прашањето за спорните граници на Крим, откако во апликациите „Карти“ и „Време“ во оперативниот систем на „Епл“, полуостровот Крим беше прикажан како дел од Русија. Се […]

Вести

Се актуелизираат помилувањата на Иванов од 2016

Уривање на правната држава, на принципот на владеење на правото и директен удар на демократијата. Вака државните претставници и правните експерти ги оценуваат можните последици што може да ги предизвика евентуалната одлука на Уставниот суд […]

Вести

„Сакаме да дишеме“, марш за чист воздух во Скопје

Со транспаренти „Животот пластичен не е фантастичен”, „Правдата пред профитот”, „Сакаме да дишеме“, граѓаните на марш пред Владата им порачаа на надлежните дека треба да се грижат за чистиот воздух и здравјето, многу повеќе отколку […]