– Клубот за младински прашања и политики на Собранието денеска на јавна расправа ја презентираше Националната стратегија за ментално здравје на младите. Оваа стратегија вклучува мерки и области поврзани со раната интервенција и детекција на вообичаените ментални нарушувања кај младите.
Во моментов, Националната стратегија за ментално здравје на младите е во драфт верзија и треба да биде усвоена од страна на Владата, а Собранието да биде надзорен орган при нејзината имплементација. Подготвена е во соработка со Националниот младински сојуз на Македонија, а ќе треба да ја спроведува Министерството за здравство.
Пратеничката Моника Зајкова, координаторка на Клубот на младински прашања и политики во Собранието, на јавната расправа посочи оти се надева дека Националната стратегија ќе биде усвоена од Владата до крајот на годината.
Како што посочија учесниците на расправата, Стратегијата опфаќа повеќе активности и аспекти кои се значајни, а треба да се спроведат само во државни институции, како што е развој на сервиси за менталното здравје, едукација на здравствен персонал, бидејќи потенцираа дека имаме недоволен број на специјалисти за ментално здравје на децата.
-Национална стратегија за ментално здравје всушност е иницијатива за менталното здравје на младите. Вклучува мерки и области кои што се однесуваат на рана интервенција и детекција на вообичаените ментални нарушувања кај младите, како што се анксиозност, депресија, но и одредени индикатори и насоки како понатаму. Самиот Закон за ментално здравје бара носење на нов Закон бидејќи постоечкиот ги опфаќа само потешките растројства, потенцираше Зајкова.
Таа информираше дека Клубот за младински прашања и политики има доставено барање до Министерството за образование во измените на Законот за средно образование да биде вклучена поддршката за менталното здравје на средношколците, но и да биде дефинирано врсничкото насилство и оние програми кои треба да значат рана детекција на врсничкото насилство.
-Како кај нас, така и во целиот регион, за жал, се покажа дека мора да бидеме посвесни и повеќе подготвени кога се работи на оваа тема, рече Зајкова.
Како што додаде, на пратениците им останува да го следат делот за буџетски средства колку се издвојуваат за имплементација, но и како се одвива самата имплементација од страна на институциите и доколку не се имплементира соодветно, да интервенираат.
-Менталното здравје е особено значајна тема. Самиот Закон за ментално здравје не го третира како посебно и тука можеби треба да се подготват одредени измени на Законот затоа што како пратеници стоиме во целосно располагање и ќе бидеме информирани во текот на целиот процес до каде е, рече Зајкова.