Собранието на Република Северна Македонија попладнево ги избра заменик-министрите во преодната Влада, која, пред парламентарните избори годинава, ќе ја предводи Талат Џафери. Со 66 гласа „за“ пратениците, во рамки на 142. пленарна седница ги изгласаа кандидатите за заменик-министри што ги предложи Џафери, откако денеска, на 141.седница, беше избран за претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Освен заменик-министри во 16 ресори на Владата, Џафери предложи и дополнителни заменик-министри во пет министерства. Станува збор за министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за земјоделство, водостопанство и шумарство и за информатичко општество и администрација, предвидени со Законот за Влада, во делот кој се однесува на составот на преодната Влада, која се избира 100 дена пред парламентарни избори.
Во почетокот на 142.седница, Собранието го верификува и мандатот на новиот пратеник од петтата изборна единица – Муса Ибраими, кој влегува на местото на Талат Џафери, кому, пак, му престана пратеничкиот мандат со изборот за претседател на Владата.