Игор Божиновски: 10 месеци СДСМ. 10 месеци неправда


10 месеци СДСМ. 10 месеци неправда.


 

Оставката на актуелниот министер за правда Билен Саљији не е никаков морален чин туку обид Зоран Заев да се испере од одговорноста за хаосот, притисоците и невидената политизација во судството. Веќе никој не верува во правдата која потклекна под партиските наредби  на СДСМ.

10 месеци не е спроведена ниту една реформа во судството. Таканаречениот Совет за реформи кој власта помпезно го најави, заврши со негово расформирање откако беше искритикуван од луѓето кои го сочинуваат.  Експертите кои СДСМ ги назначи во овој Совет само кажаа дека истиот е една голема лага и дека воопшто не биле консултирани за законите кои владата ги предлагала до Собранието.

10 месеци гледаме тотална партизација на судството и обвинителството. Судиите секојдневно беа предмет на закани. Претходниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски неколку пати во јавноста кажа дека се соочува со закани дури и по својот живот, од страна на органите на прогонот не беше преземено ништо.

Под плаштот на реформите беа прекршени процедурите и законите при избор на судии во Апелациониот суд. Јавноста се уште не доби одговор како е избрана Тања Милева, сопругата на поранешниот член на ДИК предложен од СДСМ за апелационен судија со само 7 години стаж, а не се избрани судиите Лазар Нанев прворангиран со 261 бод и 15 години работен стаж или Габриела Најдова со 260 бодови и 9.5 години работен стаж, или пак Диана Груевска Илиевска со 260 бодови и 11 години работен стаж. Дали единствен критериум за нејзиниот избор беше политичката определба на нејзиниот сопруг?

Власта не застана тука, партизацијата продолжи со Советот на Јавни Обвинители, каде за членови на Советот, кој по закон треба да биде независен и непристрасен се избрани Ангеле Илиевски, адвокат на Верушевски и Ангел Солев, и двајцата членови на правниот совет на СДСМ.

10 месеци јавноста е сведок на селективна правда. Судовите, Јавното обвинителство и СЈО работат како продолжена рака на СДСМ. Додека против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ се закажуваат рочишта секојдневно, рочиштата за Зоран Заев или блиски до него се одложуваат во континуитет и се прифаќа секое нивно барање.

Повеќе од 10 месеци откако СДСМ е на власт, нема ниту една отворена постапка за криминал против функционерите од СДСМ. Јавното обвинителство сеуште молчи и не кажува до каде е постапката против двајцата функционери од владата за кои Заев рече дека има сомнеж за корупција? Зошто нема постапката за набавка на 40 возила за МВР преку кумановската фирма донатор на СДСМ? До каде се постапките против изборниот криминал и заканите врз гласачите во текот на последните локални избори.

Ниту еден од овие случаи не е расчистен. Правосудните органи се покажаа како продолжена рака на власта, за прогон на политички неистомисленици.

За 10 месеци се реализира само агендата од платформата потпишана во Тирана за  „Сопот“ и „Монструм“.

10 месеци откако СДСМ ја презеде власта, Македонија тоне во корупција и паѓа на листата на Транспаренси, за 17 места за само една година. Реформите се закочени. Корупцијата цвета, а Република Македонија е во друштво со држави како Танзанија, Замбија и Етиопија.

Оставката на министерот Саљији не е доволна за надоместување на се што е изгубено и уништено за овие 10 месеци. Одговорност треба да понесе Зоран Заев и целата влада.