Петта година по ред деветмина холандски иконописци од околината на Амстердам сликаат икони во прекрасниот живописен амбиент на манастирскиот комплекс Св.Јоаким Осоговски во Крива Паланка, заедно со стручниот реставратор и конзерватор Валентина Илијевска од Куманово.
Илијевска, како нивна колешка, е своевиден домаќин на уметниците кои се редовни гости на нашата држава, а посетата ја отпочнуваат од Североисточниот регион, од Куманово и соборниот храм на Св.Никола, по што отпочна предвидениот манастирски престој.
– Во скромен состав, девет учесника доаѓааме од околината на Амстердам, инспирирани од убавините на Северна Македонија и попатно задолжително посетуваме дел од културолошките знаменитости на Пробиштип, Прилеп, Битола, Охрид, Дебар и Маврово со кратка посета во главниот град, Скопје пред самото заминување. Инспирирани сме од комплетноста на живописот и иконите во македонските цркви и манастири, а посебна инспирација ни вдахнува самиот манастирски комплекс на Св.Јоаким Осоговски во Крива Паланка, каде во просториите на хотелскиот комплекс имаме одлични услови за творење, изјави Џесика Готенбос, една од иницијаторките за оваа организација.
Посебен куриозитет е што Готенбос го изучува македонскиот јазик и посетува часови за традиционални македонски ора и танци.
Еден од сликарите, Симон Копман, кој долг временски период го обработува дрвото, дошол на идеја за изработка на иконите, а заедно со остатокот на учесниците од групата ја изучуваат проблематиката на изобразување на иконите, воедно и изучување на македонската кирилица.
Уметниците денеска пред заминување од Крива Паланка ги посетија Градскиот музеј, Крива Паланка и соборниот храм Св.Димитриј и се запознаа со нашето културно-историско наследство.