Груби-Цакај: Односите меѓу Северна Македонија и Албанија се одлични



ript>

Груби-Цакај: Односите меѓу Северна Македонија и Албанија се одлични - МИА

Скопје, 18 септември 2020 () – Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска во својот кабинет оствари средба се министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај.


 

Груби и Цакај размениле мислења за актуелните политички теми во земјата и регионот, по што заедно високо ја пофалиле соработката меѓу Скопје и Тирана која, како што стои во соопштението од Кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, е одлична.

Првиот вицепремиер Груби истакнал дека Република Северна Македонија е многу посветена на исполнувањето на потребните реформи и задачи со цел што побрзо да се постигне отворањето на преговорите со Европската Унија.

Министерот за надворешни работи на Република Албанија, Цакај, му честитал на првиот вицепремиер Груби за успешното спроведување на клучните политики кои се во прилог на сите граѓани во Република Северна Македонија.

– Цакај, исто така, му кажа на Груби дека Северна Македонија не е само една соседна земја, туку е и пријателска земја и стратешки партнер со која имаме изградено односи преку дијалог и добра соработка. Целосното членство на Северна Македонија во НАТО и заедничкиот пат кон Европската Унија се додадена вредност за развојот на регионот и особено за мирот и стабилноста, се наведува во соопштението.

Груби и Цакај разговарале и за начинот на либерализација на движењето на граѓаните, односно враќањето кон нормалноста на граничните премини, земајќи го како пример слободното движење меѓу Република Северна Македонија и Албанија.

– Груби му рече на Цакај дека очекува за краток временски период истото слободно и безусловно движење да се спроведе и со Република Косово и другите соседни земји, стои во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Груби.