Грците сакаат заемно прифатливо решение за името ?!


Новото истражување на јавното мислење во Грција спроведено од агенцијата „Алко“ за грчкото радио „24/7“покажува дека мнозинството Грци посакуваат да се реши прашањето со името. Како што јавува дописникот на МИА од Атина, 63 отсто од испитаниците се за постигнување взаемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека работите треба да останат така како што се денес, а седум од 10 Грци, веруваат дека во последните децении Грција загубила од тоа како владите се справувале со прашањето за името.


 

На прашањето дали сметаат дека во последните децении  дали Грција доби или загуби во врска со прашањето за името, седумдесет отсто од испитаниците сметаат дека Грција загуби, девет дека доби, 21 отсто ја одбрале опцијата не знам/не одговарам.

На прашањето дали е подобро за нивната земја да се стреми кон заемно прифатливо решение во прашањето или подобро е да ги остави работите како што се денес, 63 отсто одговориле дека се за заемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека треба да остане исто како што е денес, додека 16 отсто рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат.

Претседателот на агенцијата „Алко“ што го спроведе истражувањето, говорејќи за радиото, коментира дека во анкетата не биле вклучени конкретни имиња, бидејќи официјално не се соопштени и вели дека веројатно резултатите би претрпеле промени кога во истражувањето ќе влезат конкретни предлози.