Ѕанакопулос: Во следните денови ратификација на Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО


Во текот на следните денови Протоколот за членство во НАТО ќе биде ратификуван од грчкиот Парламент, рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите и ги објасни обврските и следните чекор за  Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во текот на следните денови Парламентот ќе го ратификува протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО, а во продолжение ќе се испрати Вербална нота од Министерството за надворешни работи на Грција до Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и со тоа, автоматски стапуваат во сила уставните измени и секако промената на името, објасни Ѕанакопулос.

На прашањето на дописничата на МИА од Атина дали за ратификацијта на Протоколот постои конкретен датум, тој одговори негативно.

Во новинарските кругови во Грција се споменува дека веќе следната седмица, протоколот ќе биде доставен во грчкиот Парламент, прво пред надлежната комисија, а потоа и на пленарна седница, по што ќе следи и гласање.

Одоговарајќи на новинарско прашање зошто македонскиот премиер не го користи новото име Северна Македонија, Ѕанакопулос објасни дека „уставната промена на името ќе се случи автоматски веднаш по ратификацијата на протоколот за членство во НАТО”.

-Пред малку господинот Заев рече: Република Македонија, а за кратко време, Република Северна Македонија. Станува збор за формално – техничко прашање. Да бидеме трпеливи уште неколку дена и ќе видиме дека спроведувањето на договорот ќе биде апсолутно сигурно и од двете страни, истакна Ѕанакопулос.

Во однос на евентуална средба Ципрас – Заев, рече дека не е планирано такво нешто.

Портпаролот на грчката влада, на денешниот маратонски брифинг со новинарите во траење од над еден час, говорејќи за Договорт од Преспа, рече дека 25 јануари 2019, денот кога беше ратификуван Договорот од Преспа, ќе биде историски настан за мир, соработка и стабилност на Балканот.

-Ратификацијата на Договорот од Преспа што ја враќа водечката улога на земјата на Балканот на заеднички развој, пријателство меѓу народите, но и соработка е од историско значење, истакна Ѕанакопулос додавајќи дека тоа е победа на политичката храброст над национализмот, квази-патриотизмот и омразата.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Договорот од Преспа, по зеленото светло од Парламентот, доби зелено светло и од грчкото општествво, особено по владината кампања, Ѕанакопулос рече дека постојат две групи- “ДА” и “НЕ”, односно оние кои што се за и против конкретното решение меѓу двете земји. Додаде дека ритамот на вторите го дадоа екстремно десничарските сили и партии.

-Во грчкото општество постоеше голема дискусија, постоеше интензивна политичка конфронтација меѓу, според моето мислење две големи политички партии. Од страна на “ДА” се најде партијата која секогаш беше за напредок, за демократија, за пријателство, за соработка меѓу народите што се конфронтираше со национализмот во изминатите 30 години и мислам дека правилно направи и во последните 30 години и во однос на Договорот од Преспа. Од другата стана, од страната на “НЕ” мислам дека печатот и политичкото темпо и политичкиот белег го дадоа претежно екстремно десничарски политички сили, сили на радикалниот национализам, без секако сите кои што не се согласуваат со договорот да ги идентификувам со оваа политичка област, објасни Ѕанакопулос.

Тој додаде дека оваа радикално десничарска реторика била присвоена и од политички сили за кои се сметаше или се самоодредуваа како десничарски, централно десничарски или либерални, истакна дека тоа било пораз за грчката десница и упати остри критики до опозициската Нова демократија.

-Проблематично во овој случај е што Нова демократија не само што ги присвои позициите и ставовите на екстремната десница, односно ги присвои ставовите на националистичката омраза, оддалечувајќи се од политичките принципи на централата десницата што ги одреди Костас Караманлис во периодот на 2000, проблематично е тоа што присвои дури и постапки на екстремната десница, присвои и методи на екстремната десница, односно присвои закани, уцени, потпалување на домови на пратеници, обид за упад во Парламентот. Мислам дека овие работи не одговараат на конкретната политичка партија, рече Ѕанакопулос.

Вести

„Епл“ вети дека ќе го разгледа прашањето за Крим

Претставник на технолошката компанија „Епл“ внимателно ќе го изучи прашањето за спорните граници на Крим, откако во апликациите „Карти“ и „Време“ во оперативниот систем на „Епл“, полуостровот Крим беше прикажан како дел од Русија. Се […]

Вести

Се актуелизираат помилувањата на Иванов од 2016

Уривање на правната држава, на принципот на владеење на правото и директен удар на демократијата. Вака државните претставници и правните експерти ги оценуваат можните последици што може да ги предизвика евентуалната одлука на Уставниот суд […]

Вести

„Сакаме да дишеме“, марш за чист воздух во Скопје

Со транспаренти „Животот пластичен не е фантастичен”, „Правдата пред профитот”, „Сакаме да дишеме“, граѓаните на марш пред Владата им порачаа на надлежните дека треба да се грижат за чистиот воздух и здравјето, многу повеќе отколку […]