Блерим Река ќе се залага за евроатлантска и мултиетничка република



Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Блерим Река денеска и официјално ја промовираше својата независна кандидатура за претстојните претседателски избори закажани за 21 април.


 

На заедничката прес-конференција во Скопје со лидерите на Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА, Река изрази благодарност за поддршката во однос на успешното прибирање на потребните над 10.000 потписи за поднесување на кандидатурата за претседателските избори и искажа уверување дека ќе биде победник на изборите закажани за 21 април.

– Зошто мислам дека ќе победиме? Затоа што нудиме концепт за враќање на републиканизмот и републиката. Ние сме за евроатлантска и мултиетничка република. Македонија е држава, но не е република. Ќе биде република ако на места на владеењето на поединецот ќе има владеење на правото, но не сега кога судството е политизирано, администрацијата е политизирана, додека Собранието имунизира и амнестира одговорни за кривични дела, рече Река.

Според него, ова не може да помине кај ЕУ за разлика од НАТО каде што заради безбедносни цели ќе станеме многу бргу дел од Алијансата.

-Ние ќе бидеме многу брзо дел од НАТО, но за ЕУ ќе ни требаат многу длабоки реформи. Заедно ние ќе ја постигнеме оваа цел и ве повикувам да славиме на 21 април, порача Река.

Лидерот на АА, Зијадин Села, изразувајќи поддршка, рече дека е многу важно правно да се разбере коцнептот што го нуди Река за републиката, кој има за цел слобода, права и подобар живот за граѓаните, а кој очекува да добие поддршка од граѓаните. Села упати и порака до опонентите.

– Професорот Блерим Река е симболика на она што го слушаме со месеци и што сме го слушале минатите години. Ако некој бара консензуален претседател тоа е Река, ако бара заеднички кандидат тоа е Река. Неговата кандидатура не е иницирана од политички партии, туку од желбата за подобра иднина на нашите деца, рече Села.

Претседателот на БЕСА, Билал Касами, споделувајќи го уверувањето дека ќе слават на 21 април, истакна дека Река е назаслужниот и најдостојниот да биде на функцијата претседател, бидејќи, вели, не е партиска личност и, вели, нема да ја злоупотреби таа позиција за партиски интерси, а најмалку за граѓаните да ги подели врз етничка, религиозна или друга различност.

На новинарско прашање Блерим Река најави дека ќе води модерна и непопулистичка кампања преку средби и разговори со граѓаните од кои вели сака да учи што треба да се направи, бидејќи додава, претседателот на граѓаните треба да е во служба на граѓаните

Во однос на другите двајца кандидати рече со Стево Пендаровски се разликува по однос на неговиот концепт „општетство за сите“, наспроти она што самиот го застапува „држава за сите“.

-Државата е форма, а општеството е содржина, ние нема потреба да лансираме пароли општество за сите оти ние сме општетсво за сите. Но сé уште и во 2019 ние не успеавме да изградиме држава за сите и тоа ќе биде мојата поента Македонија како мултиетничка република, која нема да биде заробена како што беше 11 година и приватна држава како што беше со актуелниот претседател, вели Река.

За кандидатурата на професорката Гордана Силјановска рече дека не се согласува со нејзиното противење за Преспанскиот договор, кој го смета за вин – вин ситуација – Грција го сочува античкото минато, а Македонија доби европската иднина, вели тој.

Запрашан за кого би препорачал да се гласа во вториот круг ако не помине во првиот, Река рече дека нема да тргува со гласовите и оти нема да инсистира на кој кандидат да се дадат гласовите.