Битиќи на отворањето на OECD центарот во Истанбул: Предизвиците да ги претвораме во можности


– Да се бориме заедно против корона пандемијата, а предизвиците да ги претвораме во можности, порача денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во обраќањето по повод отворањето на новиот центар на Организацијата на економски развој и соработка (ОЕЦД) во Истанбул.


 

Според Битиќи, градењето подобри политики за подобар живот никогаш не било толку потребно како сега.

-Вистинско време е да ја воочиме реалноста и да пристапиме кон учење нови работи, нови начини и да ја заштитиме заедничката иднина со прифаќање на околностите и создавање нови креативни начини на изнаоѓање соодветни решенија за надминување на предизвиците. Потребни сме едни на други, повеќе од кога било, и наша должност, како одговорни политичари е да се поврземе и да растеме што повеќе, бидејќи само со растење на глобално ниво, растеме и индивидуално, нагласи вицепремиерот.

Тој изрази надеж дека ОЕЦД центарот во Истанбул ќе ги зајакне врските меѓу Западен Балкан и Југоисточна Европа, Евроазија, Средниот исток и Северна Африка и дека преку олеснување на дијалогот за политики меѓу владите, вклучувајќи ги јавните, приватните и филантропски чинители, ќе има можност да стане место за јакнење на соработката.

-Пандемијата ја подигна нашата свесност и не потсети колку навистина сме си потребни едни на други, како и дека ако сакаме да го направиме овој свет подобро и побезбедно место, треба да ги здружиме нашите сили, да разменуваме идеи и да создадеме мрежа која ќе ја претставува нашата силна база за натамошен прогрес. Се чувствувам оптимист во врска со агендата на ОЕЦД која вклучува интензивен и одржлив пристап кон инклузивно закрепнувањето од КОВИД-19. На Северна Македонија и е неопходен ваков вид платформа за да се придвижиме напред кон глобално признатите стандарди и амбиции, и затоа го гледам новиот центар на ОЕЦД во Истанбул како извонредна можност за споделување подобри вредности, создавање подобри идеи и учење на подобри стратегии со цел да се добијат подобри економски перформанси и подобро општество со поголема благосостојба, потенцира Битиќи.

Една од главните задачи на центрите на ОЕЦД кои со центарот во Истанбул сега се пет во светот, е да им помогнат на земјите и економиите во развој, за изнаоѓање иновативни решенија за политики за промовирање на одржлив раст, намалување на сиромаштијата и нееднаквоста, како и за подобрување на животот на граѓаните, што уште еднаш ја истакнува важноста на овој нов центар на OECD за целиот регион.

На отворањето се обратија и претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган, генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Хуриа, минстерката за трговија на Република Турција, Рухсар Пексан, министерот за економија, финансии и инвестиции на Тунис, Али Кули, и претседавачот на Комитетот за надворешни работи на ОЕЦД, Томас Шнол.