Доколку не бидат изгласани уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов без кој не може да продолжи евроинтегративниот пат на земјата, постои можност Демократската унија за интеграција (ДУИ) прва да побара предвремени парламентарни избори, оценуваат за МИА политикологот Благојче Атанасоски и универзитетскиот професор и поранешен политичар Мерсел Биљали.
На прашањето на МИА со оглед на новонастанатите случувања во ДУИ, дали постои можност токму оваа партија да побара предвремени избори, доколку не поминат уставните измени, за да спречи одлив на гласови, Атанасоски вели дека гласините одат во таа насока, дека доколку не се донесат измените на Уставот, ДУИ ќе биде прва која ќе побара предвремени парламентарни избори, како излез од, како што додава, „длабоката политичка криза која ќе се креира и ќе се хистеризира во јавноста дека е таква“.
Универзитетскиот професор Биљали, пак, истакнува дека секоја политичка партија калкулира на победа и оти не се чуди од одлуките на политичките партии.
-Реално, мене не ме чуди ништо, бидејќи сите политички партии калкулираат на победа, а потоа продолжуваат да функционираат како што функционираат, што е трагедија за мене. Но, гледам дека релевантниот меѓународен фактор прави притисоци. Партиските игри во последно време како да излегуваат на виделина и очекувам да има одговорност. Сметам дека меѓународниот фактор оценува дека организираниот криминал и корупцијата се толку големи што ги загрозуваат мирот и безбедноста, вели Биљали.
Атанасоски додава дека сето тоа оди во насока на сосекување на растење на партијата и структурата на Изет Меџити, бидејќи, како што вели, сите релевантни политички анкети и испитувања на јавното мислење, покажуваа дека после лидерот на ДУИ, Али Ахмети, втор човек кој котирал најдобро на рејтинг-листите кај членството и симпатизерите на ДУИ токму Изет Меџити.
-Ова особено што тој веќе и кога нема политичка партија, е политички фактор, кој контролира пратеници во Собранието (Мерита Коџаџику, Кастриот Реџепи), градоначалници (Висар Ганиу) и други помалку познати за јавноста функционери од ДУИ, кои се приклонети кон него и неговата политичка активност, вели Атанасоски.
Тој потенцира дека ДУИ поучени од искуството од парламентарните избори од 2016 година кога им се преполовил бројот на гласови и пратеници, веројатно ќе одат во насока, тоа да го превенираат со време, пред, како што вели, да отидат работите предалеку за нив и да завршат во опозиција идната година.
-Еднаш ДУИ буквално политички се спаси и се „извади“ на парламентарните избори на 11 декември во 2016 година кога и се преполови бројот на гласови и пратеници, и само поради необединетоста тогаш на албанската опозиција кај нас (исто како и денеска) остана на власт. Поучени од тоа искуство, веројатно ќе одат во насока, тоа да го превенираат со време, пред да отидат за нив предалеку работите, и да завршат во опозиција идната година како делегитимизирани од албанскиот политички електорат во Македонија, оценува Атанасоски.
Политичките актери покажуваат незрелост за пошироките интереси
Министрите од ДУИ на 30 јули поднесоа оставки од функциите кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени. Едно од барањата на опозицијата на лидерската средба меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, беше да се формира влада во која нема да учествува ДУИ.
-Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на претседателот на ДУИ Али Ахмети на Фејсбук.
На прашањето на МИА да дадат коментар за поднесените оставки, Биљали нагласува дека сите работи што се прават од власта и опозицијата покажуваат дека сè уште имаат сериозна незрелост за пошироки интереси, освен партиски.
-Реално, ние имаме само отворање на еден процес кој почнува со скринингот и не можеме да кажеме дека сме ги почнале преговорите со ЕУ. Ако не се изгласаат уставните измени, објективно, преговорите се прекинуваат. Не се знае што може да се случи понатаму, имајќи во предвид наредната година во ЕУ ќе има централни избори во Европскиот Парламент и се чека десницата од каде ќе дојде, иако веќе е познато дека десницата многу не се интересира за проширување на ЕУ. Власта е во тесна позиција и сите овие се потези со кои сака да влијае врз јавноста. И опозиција која, ми се чини дека нема некоја сериозна понуда освен тоа дека нема да ги изгласа уставните измени под бугарски диктат, што, според мене, е апсурдно. Сите овие работи покажуваат дека власта и опозицијата објективно сè уште имаат сериозна незрелост за пошироки интереси, освен партиски, рече универзитетскиот професор Биљали.
Според аналитичарот Атанасоски, ова е еден последен обид, на етничко-албанската главна коалициска партија во македонската владина гарнитура, односно на партијата ДУИ, да направи политички од, политички маневар, за да се стави пред свршен чин лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски и да ја промени за 180 степени својата тврдокорна позиција околу негласање на уставните измени за влез на Бугарите во македонскиот Устав, како услов без кој не се може да се продолжи евроинтеграцијата на Македонија.
-Сепак без учество на опозициските пратеници или дел од нив, не се возможни уставни измени, односно нема потребен број од 80 пратеници (двотретинско мнозинство). Од друга страна мислам дека овој политички чекор на ДУИ оди и за замајување на јавноста како ПР потег со кој ќе се дефокусира јавноста од скандалите поврзани со високи функционери на ДУИ во последниов период: ставањето на американската црна листа на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој доаѓа од редовите на оваа партија, скандалот со возилото на првиот вицепремиер Артан Груби, потоа со младиот внук на лидерот Ахмети, Дрин кој на млади години влезе во милионски бизнис во Т.Ц „Соравија“ и ред други скандали кои ги карактеризираа интегративците во последниов период. Од тука, може ова да се протолкува и како евтин ПР трик од кујната на ДУИ да се тргне вниманието од корупциските скандали, и јавноста и медиумите да се насочат со теми за вакви политички пируети, како што се овие условени оставки на министрите од ДУИ, вели тој за поднесените оставки на министрите од редовите на ДУИ.
Формирањето на сеопшт опозициски фронт на Албанците, дополнителна фрагментација на албанскиот електорат
Доскорешниот потпретседател и пратеник на ДУИ, Изет Меџити, заедно со пратениците Мерита Колчи Коџаџику и пратеникот Кастриот Реџепи најавија формирање на ново политичко движење, кое се очекува да биде официјално формирано на 13 август.
Атанасоски во врска со тоа вели дека доколку се формира сеопшт опозициски фронт на опозициските партии на Албанците, може да се случи ДУИ да биде загрозена, дури и поразена како доминантна партија во т.н албански политички блок. Тоа, според него, ќе значи дополнителна фрагментација и дорасцепкување на албанскиот електорат.
-Поранешниот градоначалник на Општина Чаир во три последователни мандати, актуелен пратеник и поранешен потпретседател на ДУИ, дефинитивно фати свој сопствен политички пат, различен од тој на истомислениците во т.н „Огнена група“, со кои се бореше за „внатрепартиска демократизација“ на ДУИ и враќање на „изворните принципи“. Што значи, најави политичка легитимизација преку формирање на политичко движење/политички субјект со кој ќе учествува на идните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени. Тој веќе направи први контакти со лидерите на етничкоалбанските политички партии Билал Касами на БЕСА и Африм Гаши на Алтернатива, како опипување на политичкиот пулс за создавање на еден сеопшт опозициски фронт на опозициските партии на Албанците се со цел ДУИ да биде детронизирана како дводецениска владејачка партија. Ако се формира тој блок или фронт, може да се случи ДУИ да биде загрозена, дури и поразена како доминантна партија во т.н албански политички блок, бидејќи ќе се цели кон сите опозициски настроени гласови да отидат на куп против ДУИ. Доколку не се создаде таков блок, тоа дефинитивно ќе значи дополнителна фрагментација и дорасцепкување на албанскиот електорат, вели Атансоски.
Ова прашање, Биљали не го гледа од етнички аспект, иако, како што вели, слушнал изјави од политичари дека ќе се расцепка албанскиот електорат или албанското гласачко тело.
-Ова не го гледам од етнички аспект, иако слушнав некои изјави од политичари дека ќе се расцепка албанскиот електорат или албанското гласачко тело. Јас сакам да навлезам во внатрешната логика. Што реално сме сработиле во овие 30 години за реформите, развојот, трансформацијата на општеството, квалитетното образование, вработувања…. Останувањето во заробувачкиот сегмент, етничкиот сегмент, сметам дека е само максима на реалноста и треба да се согласиме дека во сите овие години не сме успеале да изградиме една функционална држава. И неслучајно сега го имаме неодамнешниот Извештај на Европската Унија каде од цел Западен Балкан што опфаќа околу 18 милиони жители, Северна Македонија 50 проценти од добиените финансиски средства од ЕУ ги има злоупотребено. Што се случува внатре кај нас? Ова е круцијално, без да навлезам во тоа чиј електорат ќе се расцепка, вели Биљали.
Нагласува дека за овие 30 години не нема успех во изградбата на функционална држава со независни институции, во која ќе функционира мерит системот.
-Ние не успеавме да градиме независни институции, независно судство и обвинителство. Гледате што се случува – синот на тој политичар со испити или без испити успеал да заземе функција. Ако не изградиме надлежни институции според мерит систем, кога ќе имаме сериозни филтри, кога вработувањата нема да зависат од партиските листи, дури и воопшто да не зависат од партиските листи, туку целосно одвоени сегменти од дневната политика да бидат избрани кандидатите. Но и нивното напредување – на функционерите, каде би се опфатиле и судиите и обвинителите. Политиката треба да биде далеку 10 години и ништо не сме постигнале ако не сме го постигнале ова. За жал, не сме го постигнале и одговорноста некаде е помала, а некаде поголема. Можеме да излеземе и да кажеме дека некој не мачи со теории на заговор, но искрено погледнете ја реалноста. Го протеравме половина од населението… ова е сериозен проблем. Не сакам конкретно да обвинувам ниту една партија. Се чини дека некој повеќе, а некој помалку има сериозна одговорност за овој 30-годишен историски неуспех, вели Биљали.
Аргументите за „демократизација, почитување на статут и изворни принципи“ внатре во ДУИ се само замајување за јавноста
За последните случувања внатре во ДУИ, Атанасоски вели дека станува збор за тоа кој ќе ја има моќта на контрола на ресурсите во партијата.
-Да се зборува за демократија во ДУИ е исто како да се зборува за почитување на човековите права во Северна Кореја. Оваа политичка партија е настаната како наследничка на воена структура и гарнитура, и во тој амбиент, денеска може да зборувате само за прераспределба на моќ, кој во нашиот, а и во сите случаи значи прераспределба на материјални (тендерски) добра од кои поединци и цели фамилии станаа милионери преку ноќ, на многу „сомнителен начин“. Што значи од самиот старт на отворената „битка до истребување“ помеѓу првиот вицепремиер Артан Груби од кој лидерот Ахмети не се откажа и предводниците на „Огнените“, стануваше збор само за тоа кој ќе ја има моќта за контрола на ресурсите во партијата кои служат како лост за лично и семејно богатање. Темите и аргументите за „демократизација, почитување на статут и изворни принципи“ се само замајување за јавноста и фрлање на прав во очите на членството, за кои веќе мислам дека никој и не им верува. На сите наполно им е и повеќе од јасно за што станува збор, појаснува Атанасоски.
Биљали, пак, вели дека не би сакал да помисли дека тоа што се случува во ДУИ е пресметка за лична борба за моќ.
– Една личност која била на највисоките функции во една одредена структура, се отцепува и излегува на другата страна. Не би сакал да помислам дека тоа е пресметка на лична борба за моќ. Мислам дека тоа е веројатно освестувањето на една група која не сака да биде одговорна за вековниот неуспех, дури и на Албанците, но воопшто сите други граѓани. Верувам дека ги имаме сите анализи дека највиталниот дел, особено во делот од Западна Македонија, но и во делот на Куманово и Карадак, над 65 проценти од младите заминале во странство и тоа е вековна трагедија за секој еден од нас, рече тој.