Агелер: Писмото е понуда за помош за да не се случи поранешни политичари да кренат телефон за да се донесе пресуда во нивна корист

sudstvo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

САД имаат обезбедено повеќе од една милијарда долари за Северна Македонија во изминатите 30 години, наменети за невоена помош, вклучително и за проекти и активности поврзани со медиумите. Повеќе од половина од таа милијарда била наменета за поддршка на владеење на правото и добро владеење, вклучително и за правосудството. Според нашите проценки, околу 80 проценти од обвинителите и судиите во оваа земја учествувале во една од нашите програми. Кога гледаме на тоа како инвестиција, тогаш повратот на таа инвестиција не е соодветен, порача во интервју за МИА, американската амбасадорка, Анџела П. Агелер.

Таа во интервјуто говори за писмото кое го испратила до извршните и судските органи, а кое предизвика превирања, па дури и смена на претседателот во Судскиот совет. Смета дека е мошне важно што тоа писмо било испратено до министерот за правда, како и до многу други во Владата, но и до странски амбасадори, бидејќи, како што рече, во Американската Амбасада има многу службеници, кои работат на прашања поврзани со правда.


-Се надевам и ова го посочив во писмото и во рамките на многу јавни разговори, дека јас и тимот од Амбасадата стоиме на располагање за разговори околу овие процеси, со цел она што го инвестираме во оваа земја да им помогне на луѓето во државата и дека нема да се случи поранешни политичари да кренат телефон за да се донесе одлука за одреден предмет во нивна корист, нагласува американската амбасадорка.

Таа додаде дека доколку САД продолжат да инвестираат во правосудниот сектор на земјата, би сакале да видат дека има разлика, дека постои интегритет и систем.

-Бидејќи повторно се сведува на граѓаните на оваа земја, кои заслужуваат правосудство во кое го разбираат процесот, разбираат што се случува и дека не се работи само за ненадејно донесување на одлука некој да биде поставен на позиција за која е целосно неквалификуван без никакво објаснување, вели Агелер.

Таа вели дека на корупцијата и криминалот гледа како на главен предизвик со кој моментално се соочува државата, а патот кон ЕУ и реформите во тој процес помагаат во соочувањето со голем дел од овие прашања.

-Верувам дека постојат добри луѓе во оваа земја на кои им е преку глава од корупција. Мислам дека сите граѓани се уморни од тоа. Не сум сретнал ниту еден Македонец, кој е помирен со корупцијата. Јас се надевам дека луѓето ќе речат „доста“ и дека ќе побараат од нивните институции да се справат со овие прашања на отворен и транспарентен начин и дека ќе бараат одговорност од лидерите, бизнисмените и другите во општеството доколку не ги следат правилата, вели Агелер.

За ефектот на црната листа на САД, вели дека таа не е доволна, бидејќи на крајот од денот, дури и ако САД одреди дека некој е корумпиран актер, корумпиран службеник, ѝ нанесува штета на демократијата или општеството преку своите незаконски активности, тие можат да ги прозват, но не можеме да ги уапсат.

-Така, можеме да кажеме, САД нема да дозволат веќе да влезете во нашата земја и можеме да наметнеме одредени финансиски или други санкции. Откако премиерот и министерот за надворешни работи заминаа од Вашингтон имав низа интерни состаноци за да разговараме каде сме во однос на прашањата поврзани со санкциите. Дали нечие име, само по себе ќе го промени тоа однесување – не нужно. Но тука повторно стапува на сцена улогата на граѓанинот на оваа земја, поединецот кој е уморен да гледа како луѓето користат од незаконските структури и незаконските активности и од нив да се бара одговорност. Се надевам дека може да помогнеме во тоа преку прозивање, бидејќи тоа мораме да го правиме согласно закон. Тоа е многу конкретен процес, но исто така се надеваме дека граѓаните на оваа земја исто така ќе бараат нивните лидери исто така да преземат активности, нагласува американската амбасадорка во интервјуто за МИА.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK