Пецаков: СДСМ се однесува како државата да е нивна партиска сопственост, Дамјан Манчевски призна дека СДСМ спроведува политички реваншизам


СДСМ се однесува како државата да е нивна партиска сопственост, а буџетот и институциите како да не се на граѓаните туку постојат само за згрижување и финансирање на политичките послушници.

 

 

Министерот за администрација, Дамјан Манчевски призна дека СДСМ спроведува политички реваншизам. Тој јавно кажа дека власта ги прекинала привремените договори на вработените во јавниот сектор, а сега распишува нови огласи за привремено вработување.

Се бркаат партиски неподобните, а се вработуваат роднини, брачни партнери и партиски подобни.

Неработа, неодговорност, нетранспарентност, непотизам и вработување под партиски клуч, ова е епилогот од досегашното владеење на СДСМ манифестирано на сите нивоа на власта.

Неодговорниот однос на власта е очевиден и на централно и на локално ниво. Наместо со грижа за граѓаните и нови проекти, челниците на власта се зафатија со вработување на членови на нивните семејства. Такви се примерите во општините Берово и Битола.

Во првата недела од доаѓањето на власт, градоначалникот на општина Берово си ја врабити својата сопруга како наставник, на местото на кое претходно избркал наставничка која имала стекнато право на работен однос, а згора на тоа била и бремена.

Непотизмот царува и во Битола. Градоначалничката на Битола си го вработи својот брат како наставник неполни два месеци од стапувањето на функција.

СДСМ се однесува спротивно на животот што го ветуваше додека беше опозиција.

СДСМ ветуваше транспарентност, праведност, стручност при вработувањето во администрацијата. Сега гледаме нетранспаретност, неправедност и непотизам при вработувањето.

Блискоста и роднинските врски во партиските и државни функционери не смеат да бидат критериум за вработување.