Николоски: ВМРО-ДПМНЕ е модерна центар-десна партија и како таква е препознаена од нашите сестрински партии низ Европа


Александар Николоски, еден од тројцата нови потпретседатели на ВМРО ДПМНЕ вели дека партијата оваа година ќе ја посвети на консолидација и градење политики кои ќе и овозможат враќање на власт на следните парламентарни избори. Николоски во интервју за Прес24 вели дека новото ВМРО ДПМНЕ мора да ги поправи грешките од минатото, но и да ги продолжи сите добри политики на претходното раководство.



-ВМРО ДПМНЕ во последните неколку години имаше два типа на грешки – политички и организациски. Во однос на политичките мислам дека требаше да изнајдеме подобри одговори на кризата последниве години, некако партијата влезе затечена во целиот процес, организациски ВМРО ДПМНЕ долго имаше најмоќна партиска структура, но истата се амортизира и не се менуваше доволно често за да е витална цело време. Ова по мене се клучните грешки на кои мораме да најдеме одговори, вели Николоски за Прес24.

Тој смета дека на партијата и е потребно отварање за идеи, токму затоа и одлуките за статутарни промени ќе бидат во таа насока.

-Мора да ја отвориме партијата за во неа да се препознаат што повеќе категории на граѓани за да може повторно да победуваме. Ова е година без избори и е сериозен период пред нас во кој можеме да се посветиме на себе со цел на следните избори да излеземе со најдобра програма и најдобра кадровска понуда која ќе е препознаена од мнозинството граѓани на Македонија, вели Николоски во интервјуто посочувајќи дека ВМРО ДПМНЕ во следиот период многу ќе работи и на дефинирање на своите политики.

-Ние скоро три години препознаваме дека на партијата и треба нов концепт и редефинирање на политичкото позиционирање, но за жал често менувавме ставови и правци. Сега се посветуваме на јасно дефинирање на нашите политики со цел да нема конфузии и истите да бидат препознаени од граѓаните, смета потпретседателот на партијата.

Според него ВМРО-ДПМНЕ  не е во изолација од европската десница, политичка групација  во Европската Унија, и најавува наскоро средба на раководството на највисоко ниво.

-До сега не се случило да не бидеме дел од било кој настан на ЕПП. Имаше одредени шпекулации во таа насока, но беа злонамерни. Еве можам да најавам во ова интервју дека за многу скоро раководството на ВМРО ДПМНЕ ќе биде примено на највисоко ниво во Брисел од страна на раководството на ЕПП. Мислам дека тоа ќе е силен сигнал за подршката која ја добива ВМРО ДПМНЕ, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, во интервјуто за Прес24

ПРЕС24: Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е комплетирано. Се враќа и позицијата потпретседател на партијата. Вие сте еден од нив. За почеток, дали тој концепт со потпретседатели е повеќе контрола на лидерот, или пак инструмент кој треба да ја врати демократската дебата во партиските структури?

НИКОЛОСКИ: Изборот на потпретседатели во ВМРО ДПМНЕ треба да даде дополнителен квалитет на партискиот живот, да помогне во подобро водење на партијата и да отвори можност за креирање и спроведување посеопфатни политики насочени кон што поголем број граѓани. Се надевам дека и јас и останатите двајца ќе ја оправдаме довербата која ја добивме и успешно ќе го носиме ВМРО ДПМНЕ прво кон кадровска и организациска трансформација, а потоа и кон победа на избори и водење на Владата.