Заев со најава за референдум: “Во јуни ново име, па во НАТО”


Зоран Заев, Премиерот на Македонија, очекува дека во јуни ќе биде решен долгогодишниот спор со Грција околу името Македонија, за веќе на следниот самит на НАТО кој ќе се одржи на 11-ти и 12-ти јули да биде активиран повикот за членство на државата во Алијансата.

 

 

Во изјавата за бугарската nova.bg, Заев посочил дека за можното решение на новото име на Македонија ќе биде одлучено на референдум.

“Референдумот би требало да биде дополнителна гаранција за нашите пријатели од Република Грција, бидејќи тоа дефинитивно ќе ги отстрани сите сомнежи, а граѓаните ќе одлучат. Уверен сум дека Македонците се подготвени за тоа. Ние сме уште во преговори и се надевам дека решението ќе го зачува достоинството на граѓаните на Грција и Република Македонија”, рекол Заев.

Тој додава дека “заедно со јужните соседи, Грција, ќе се обидат да отворат внатрешна дебата и да пронајдат решение прифатливо за двете страни”.

“Се надевам дека ќе дојдеме до решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, бидејќи на крајот тоа решение мора да го сочува достоинството и идентитетот на двете земји. Само на тој начин е можно да се изгради пријателство кое мора да биде на трајни и одржливи основи. Мора да бидеме паметни и мудри и што побрзо да пронајдеме решение”, заклучил Заев.

Изјавата на Заев следува по завршувањето четиридневниот престој во Атина и Скопје на посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц.