Став: ГРАЃАНСКИ ВОДИЧ НИЗ  ЛАВИРИНТИТЕ  НА  НЕУСТАВНОСТА НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ 2018 (3 дел)


НЕУСТАВНОСТ БР 3: НЕМАЊЕ ПРАВЕН ОСНОВ ЗА ЗУЈ 2018 КАКО ПОСЕБЕН И СПЕЦИЈАЛЕН ЗАКОН ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ ОД АСПЕКТ НА ПРАВНАТА СИСТЕМАТИКА ( И  ПО РАМКОВНИОТ ДОГОВОР И ПО УСТАВОТ)



Во воведот на ЗУЈ 2018 година,  во делот „Оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причините за негово донесување“ самиот предлагач (Владата на РМ)  ударно прави повикување на систематиката и содржината Рамковниот договор од 2001 година (РД) во однос на употребата на јазиците, како и на Амандманот 5 на Уставот ( член 7 од Уставот на РМ), како подиректен правен основ за негово донесување.  Но, ако се тргне токму од пристапот на уставно-правната систематика и толкување, сосема е јасно дека предлагачот при „готвењето„ на овој закон, воопшто не ја мозгал  „големата слика“ односно бил без минимални (правни) обзири за тоа каде  „оваа турлитава од закон“ може правно- основано да се смести,  а со оглед на карактеристиките на  целината на уставно-правниот поредок. Значи, за она  како ЗУЈ 2018 системски непречено да „лизга“ во правниот поредок, како и хармонично да се „взаби“,  и во деловите кои се засегнати од Рамковниот договор, и во деловите кои не се засегнати од Рамковниот договор. Со други зборови, предлагачот не ги земал во предвид, ниту се обидел да направи релевантно, системско и корелативно „повикување„ на СИТЕ уставни одредби кои вака-така  се однесуваат на уставно-проектираниот правен режим на (службените) јазици и „употребата на јазиците.“ Од сега веќе ноторната вулгарна и безобзирна опсесија за политичка нужда и за нечие политичко поентирање, со исто толку јасна политичка уцена за коалициона влада,  наглава-нанос ЗУЈ 2018 е  кобајаги експлицитно и замаскирано „лоциран“ по основ на Рамковниот договор, но системски изолирано, при што таквото игнорирање на правно-системскиот пристап е искористено и како шанса да се (зло)употреби, повреди и надмине неговата содржина.  Значи, сето тоа со глумење на „изгубени во преводот“ меѓу Итар Пејо и Глупи Август, како и по онаа  фолклорната „да не се сетат душманите„ да ја „видат шумата, а не само дрвото„ Засега, забележето и запамтете го ова, оти,  како што ќе биде последователно укажано во деловите што следат, ваквото тенденциозно игнорирање на системскиот пристап нужно води и до вградување на сериозни системски уставни утки со ЗУЈ 2018 година во поглед на македонскиот јазик, секако, на негова штета, како во повредување на она што е навистина договорено во Рамковниот договор, така и во аспекти и делови кои воопшто не ни биле замислени и политички договорени да бидат засегнати со тој договор во една корелативна смисла и контекст. А и не само во однос на македонскиот јазик, туку и на другите јазици, над или под 20% („неалбански“).