Големо откритие: Крајот на сидата на повидок


7 мај 2019



Гардијан – Лондон

Крајот на епидемијата на СИДА може да биде на повидок откако важна студија покажа дека мажите кај кои ХИВ инфекцијата е целосно потисната од антиретровирусни лекови не можат да ги заразат своите партнери. Успехот на овој лек значи дека инфекцијата повеќе нема да се шири ако сите ХИВ заразени лица добиваат целосен третман. Кај речиси 1.000 машки двојки низ Европа, кај кои еден од партнерите е заразен со ХИВ и добил третман за уништување на вирусот, немало случаи на пренесување на инфекцијата на ХИВ-негативниот партнер за време на сексуален однос без кондом. Иако 15 мажи биле заразени со ХИВ за време на едногодишното истражување, ДНК-тестирањето покажало дека тоа се должи на сексуални односи со други луѓе кои не биле вклучени во третманот, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.

– Ова е фантастично! Ова откритие во голема мерка го решава прашањето за СИДА-та, вели професорката Алисон Роџерс од Лондонскиот универзитетски колеџ, ко-автор на делото објавено во медицинското списание „Лансет“.

Претходните студии, исто така, укажуваа дека третманот ги штити хетеросексуалните двојки кај кои еден од партнерите има ХИВ.

Нашите наоди даваат убедливи докази

– Нашите наоди даваат убедливи докази дека кај хомосексуалните мажи кои примаат супресивна антиретровирусна терапија ризикот од пренесување на ХИВ е нула. Овие наоди ја поддржуваат пораката на меѓународната кампања У = У дека немерливото вирусно оптоварување, односно ниското ниво на вирус во крвта, го прави вирусот ХИВ непренослив. Оваа моќна порака може да помогне да се спречи пандемијата на ХИВ преку запирање на ширењето на ХИВ и решавање на проблемите со стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат многу ХИВ позитивни лица, рече професорката Роџерс и додаде:

– Отсега треба да се направат уште поголеми напори за ширење на оваа моќна порака и да се обезбеди дека сите ХИВ-позитивни луѓе имаат пристап до тестирање, ефективна терапија и поддршка и грижа за да можат да помогнат во одржувањето на вирусното оптоварување под мерливите нивоа.