Борче подарува компјутери и носи радост

Кавадарчанецот Борче Стаменов за две години има подарено шеесетина компјутери за семејства од разни краеви на Македонија, кои од различни причини досега не можеле да ја почувствуваат компјутерската магија. На многумина од оние кои потекнуваат од семејства кои не можеле да си дозволат компјутер дома и кои зборот компјутер само го имале слушано, но ја немале почувствувано мистеријата на современиот апарат, па го гледале само преку отворен прозорец во нечиј туѓ дом, им се оствари желбата да ја имаат пред себе волшебната кутија.

Работејќи во фирма што се занимава со продажба и изработка на софтвер за книговодствено работење, „Бидат информатика” од Кавадарци, дошол на идеја сите оние кои имаат стари компјутери што фаќаат прашина во некој ќош да ги донираат, тој да ги среди и да ги подари. Вели дека за неговата хумана работа ја има целосната поддршка од своите претпоставени.

 – Сите луѓе имаат право да бидат во допир со модерната технологија. Гледаме и свесни сме дека постојат луѓе кои поради какви било причини не се во можност да си обезбедат компјутерска опрема. Во нашата фирма честопати се случува клиенти да остават машина што веќе не им користи, а е во исправна состојба. Фирмите што ја обновуваат опремата, исто така, го оставаат тоа што не им е потребно. Во тоа видов шанса што може да се искористи, за да се подобри животот на оние кои, ете, немале толку среќа. Гледам ако може некому да му користи и ја подарувам. Тоа се корените на целата идеја што се роди во рок од една секунда, некој да добие подарок и да биде израдуван. Подарокот е можеби половен компјутер, но во исправна состојба. Всушност, почнав да донирам откако една самохрана мајка ми се обрати за помош. Жена, сама, со своите две деца. И тие како и секое дете посакувале да имаат дома компјутер, а условите во кои растеа едноставно тоа не им го дозволуваа. Тоа беше првата донација, ја почнува тој својата хумана приказна.

Мал чекор за еден човек, ама голем за човештвото

Стаменов кажува дека му се јавуваат луѓе кои имаат не само компјутери за подарување, туку секаква опрема како печатачи, скенери и слично.

– Потешко е со наоѓањето луѓе кои би ги зеле донираните машини. Можеби во заднината на сето тоа е некој срам што го чувствуваат, не би знаел да кажам. Преку луѓе разгласувам дека не мораат директно кај мене да се обраќаат,  ако тоа е проблемот. Може да се пријават кај нив и ние воопшто да не се сретнеме. Мене не ми е важно кој го зел компјутерот, се додека оди на вистинското место, нагласува нашиот соговорник.

Нема да престане акцијата, дециден е тој, се додека има донации, таа ќе си трае.

– Добивам и пораки од други луѓе од други градови, со пофалби и прашања како да се вклучат во целата оваа приказна. Лесно, им велам. Во секој град има понекоја фирма со оваа дејност. Договорете се таму и на локално ниво усреќете некој. Во текот на денот можам да одвојам по еден или два часа, по работа нормално, и да средам некоја машина. Не ми е тешко. Јас сум во оваа работа веќе 16 години и си ја сакам работата. А верувајте ми, секојдневно имам работа до таванот. Ама со добар распоред на активностите, успевам да ги завршам и задачите во фирмата и пак да ми остане време да средам некоја машинка што е донесена за донација. Битно е да се има желба. Накратко, тоа би било тоа. Бидете хумани!, порачува тој.

​Има  семејства кои чекаат на ред, да бидат дел од модерната технологија. Апаратите се даваат по редослед на пријавени, без прескокнување. Веќе се имаат пријавено донатори и од други места, па и од Скопје. Хуманата мисија на Стаменов продолжува и усреќува луѓе од различни возрасти.

​- Може не е некоја голема работа, ама јас овој успех си го изедначувам со мислата дека „ова е мал чекор за еден човек, ама е голем за човештвото”. Секое фала мене ми значи толку многу. Не ми е битно од кој град или село се тие на кои им е потребна донација. Не мора ни да ме знаат, не мора ни да се сретнеме ако се срамат. Дајте да придонесеме за нечија среќа колку-толку. Јас сум среќен што помогнав барем малку, донаторите се среќни со своето дело. Апелирам до сите физички и правни лица, кои имаат компјутери што не ги користат и им фаќаат прашина во некое ќоше, да ги донираат. Истото важи и за фирми што се занимаваат со компјутерска технологија. Сите да ја поддржат акцијата насловена „Од нас за нас”, дециден е скромниот Стаменов.

​Тоа што го почна кавадарчанецот наидува на позитивни реакции во јавноста.

​- Браво, браво, на толку луѓе ќе сретнеш и понекој човек, е коментарот на една од социјалните мрежи, напишан од Сузана Турунџиева, кога стартуваше акцијата.

​А Борче, тој апелира секој да помага каде што може, како што може и ако може.

– Не знаете како се врти тркалото на животот. Може утре вие да бидете од другата страна, а некој нема да ви го заборави доброто што сте го направиле, коментира тој.

Хуманоста ми го топли срцево секој ден

Убаво е, вели за МИА, да добиеш благодарност од човек кој можеби изгубил доверба во системот.

– Убаво е да му се најдеш некому кој не те познава, а можеби и никогаш нема да го запознаеш. Акцијава што почна пред две години ми го топли срцево секој ден. Малку доцнам, но за тоа се одговорни работните обврски што не смеам и не сакам да ги запоставам. Со луѓето кои ги добиваат донациите избегнувам да се сретнувам. Сум пробал три-четири пати и, едноставно, емотивниот шок е преголем, барем за мене. И покрај тоа што добиваат половна машина, тие се среќни. Секој од нив се заблагодарува, не штедејќи на зборови и желби за здравје и среќа. Тоа е она што ме исполнува. И да ви кажам, доволно е! Има ли нешто поубаво од изненадениот глас што вели „чекај сега, стварно ќе ми пратиш компјутер?”, восхитениот глас на мајката  „преубав е компјутерот, едвај чекам ќерка ми да дојде да ја изненадам, не знае, преблагодарна сум ви!”, трепетот на возбудениот студент на кој среќата му трепереше во гласот додека разговаравме на телефон „просто не ми се веруваше дека постои некој како вас што дава компјутери како донацијa, секоја чест, никогаш нема да ви го заборавам ова,  благодарам од се срце”. Не треба многу од ништо да направиш нешто. Акцијата продолжува и понатаму. Нормално, се додека има интерес од двете страни, додава кавадарчанецот.

Борче има 41 година. За себе вели дека е пораснат во семејство каде што, пред се, се почитуваат семејните и човечките вредности. Особини што го следат речиси цел живот. Своевремено, желба му  била  да стане  полицаец и уште верува дека непотизмот му го урнал тој сон, па завршил на струка електротехничар. Работи како сервисер на компјутери и фискални апарати.

Денес е горд на тоа што тој лично, но и неговите сограѓани, како и луѓе низ државата, се заслужни за голем број насмевки што се цртаат на лицата на деца и млади во Македонија. Речиси и нема град каде што акцијата не „замешала прсти”. Вели дека хуманата мисија „Донирај компјутер” ќе постои се додека има интерес за донации. Бидејќи, како што нагласува, на општество како нашето многу му се потребни луѓе кои помагаат без да бараат ништо за возврат.

– Тоа сме ние. Правиме нешто од ништо, категоричен е Борче.

Светлана Дарудова

Вести

Пријавени вкупно 75 случаи со симптоми на морбили

Вкупно 75 случаи со симптоми на морбили (мали сипаници) се пријавени заклучно со вчерашниот ден. За 65 од нив е добиена лабораториска потврда, соопшти денеска Министерството за здравство. Возраста на заболените се движи од осум месеци […]

Вести

Рудникот „Иловица-Штука“ се развива согласно најновите законски измени

Проектот за рудникот Иловица-Штука се развива и согласно измените на законот за минерални суровини, кои на 9 јануари годинава беа изгласани во Собранието на Република Македонија, стои во изјавата на компанијата „Еуромакс ресоурцес“. Додаваат дека […]

Вести

Продолжуваaт протестите и неизвесноста во „Еурокомпозит“

Вработените и работниците прогласени технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“ денеска на протест пред фабриката сметаат дека нема на повидок решение за нивните проблеми и најавуваaт протест в понеделник пред владата во Скопје. Во името на […]

Вести

Маж се самозапали на плоштад во Прага

Маж се самозапали денеска на Вацлавскиот плоштад во Прага, каде пред 50 години се самозапали студентот Јан Палах против советската инвазија врз Чехоловачка. Мажот има 30 отсто изгореници по телото и префрлен е во болница. Според […]

Вести

Маас: Русија може да го спаси договорот ако се откаже од крстосувачките ракети

Русија може да го спаси Договорот за отстранување на ракетите со среден и краток дострел ако се откаже од своите крстосувачки ракети, кои се во спротивност со Договорот од 1987 година помеѓу САД и тогашниот […]

Вести

Европа се подготвува за хаотичен брегзит без договор

Државите од Европската унија трошат милиони, вработуваат илјадници работници и итно даваат секакви дозволи за да се справат со се поголемата веројатност дека на 29 март Велика Британија ќе ја напушти Унијата без договор, и […]

Интересно

Распеани мајмуни прогласени за животни на годината во Зоолошката во Виена

Посетителите на виенската зоолошка градина „Шонбрун“ секој ден можат да уживаат во дуетот на мајмуните Рао и Сипура. Тие се од расата гибони, кои во животинскиот свет се нарекуваат и шумски пејачи. Тој загрозен вид животни […]

Интересно

Кристи Бринкли и на 64 години во одлична форма

Поранешниот супермодел Кристи Бринкли на настан во Њујорк се појави во бел мини-фустан со долги ракави. Инаку, таа има 64 години и е мајка на три деца од три брака. Бринкли во минатото беше мажена со музичарот […]

Први оставете коментар

Вашиот коментар пишете го во празното поле:

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.


*