Жителите на Кисела Вода кои аплицирале за инвертри, викендов треба да ги предадат старите печки




Жителите на општината Кисела Вода што аплицирале за субвенции за набавка на клима инвертери и добиле електронска порака од Град Скопје, во текот на претстојниов викенд (утре и во недела) ќе можат да ги предадат своите стари печки на дрва или на нафта во дворот на средното училиште „Васил Антевски- Дрен“.

Акцијата ќе се спроведува од 10 до 16 часот, информираат градските власти.

„Во Град Скопје пристигнаа 5.000 апликации, а од општината Кисела Вода се пристигнати 787 апликации на овој јавен повик. Изминатите викенди, ваква акции за предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима уреди за затоплување се организираа во општините Сарај, Шуто Оризари, Карпош, Гази Баба и Аеродром“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.