Зелени жртвени зони и жртвите на зелениот раст


Photo by Vlad Chețan

При објавувањето на Европскиот Зелен договор минатата година, Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, го претстави истиот како „нова стратегија за раст на Европа – „стратегија за раст што дава повеќе отколку што одзема“. Сепак, иако многу од предлозите на Зелениот нов договор што ги гледаме се едни од најрадикалните и најсмелите патокази што ги имаме во моментов кон градење подобра и поотпорна иднина во однос на справување со климатската криза, многу од нив се дизајнирани на начин што неизбежно ќе им наштети и ќе експлоатира области и заедници во други делови на светот. Нов научен труд истражува колку од постоечките планови за „зелена транзиција“ би можеле да доведат до создавање на Зелени жртвени зони.



Концептот на „Зелен нов договор“ се појави како рамка за планирање на начините за справување со климатската криза и социјалните и економските неправди што продолжуваат да се шират низ нашите заедници. Различни владини тела и политички партии ширум светот предложија или започнаа свои пакети на Зелен договор, од кои најистакнати се на Европската унија, но и на кампањата на Берни Сандерс за 2020 година, како и предлогот на Австралиската партија на зелените. Понатаму, многу социјални движења и граѓански организации работат и на пакети или основни предлози предводени од граѓаните, како што се Македонскиот зелен договор или Зелениот нов договор на DiEM25 за Европа.

Многу од овие предлози се фокусирани на идејата за праведна транзиција далеку од општества што функционираат на фосилни горива (јаглен, нафта и гас) и се општествено поправедни; што гарантираат пристојна работа, вклучувајќи и искоренување на сиромаштијата заедно со справување со еколошката и климатската криза и масовното истребување на видови. Како што се оддалечуваме од фосилните горива, аргументот за праведна транзиција добива витално значење бидејќи гарантира дека работниците во овие индустрии нема да станат жртви на промените преку невработеноста и неспособноста да ги пренесат своите вештини и експертиза кон други индустрии.

Потенцијалните неправди на транзицијата

Проблемот е во тоа што многу предлози за Зелен нов договор се подложени на сериозни критики, особено оние објавени од владини тела кои имаат тенденција да ставаат акцент на концепти како што е „зелениот раст,“ што значи континуиран економски раст единствено со преминување од фосилни горива кон обновливи извори на енергија и таканаречени „зелени решенија,“ без справување со нееднаквостите кои ги носи бесконечниот раст.

Во новиот труд објавен во One Earth (Една Земја), Христос Зографос и Пол Робинс испитуваат колку предлози на Зелен договор или праведна транзиција ризикуваат да создадат околности за „зелен“ или „климатски колонијализам.“ Ова е начинот на кој побогатите и помоќни нации продолжуваат да го експлоатираат осиромаштеното и ранливо население (често поради колонијалното минато), преку еколошко уништување и раселување (често преку насилство) на заедници, со цел да се екстрахираат или произведат материјали потребни за одржување на нивните „богати“ економии. Ова може да биде преку уништување на шумите за дрвена граѓа или преку големи „развојни проекти“, рударски подвизи или големи монокултури кои раселуваат заедници на мали земјоделци.

Зелени жртвени зони

Експлоатацијата може да се интензивира со зголемувањето на побарувачката за материјали како кобалт и литиум, со цел да се следат новите барања за проекти за обновлива енергија. Областите и заедниците кои имаат ресурси потребни за екстрахирање, рафинирање, транспорт, инсталација, производство или отстранување на такви материјали, се нарекуваат Зелени жртвени зони.

Некои американски верзии на Зелениот нов договор ја нагласуваат смената на бензинските и дизел-возилата со 100% електрични возила до 2030 година. Ова значително ќе ја зголеми побарувачката за материјали како што е кобалтот, кој се кориси при производство на батерии за електрични возила. 50% од сите светски резерви на кобалт се наоѓаат во Демократска Република Конго, која е веќе наведена во првите 10 најзагадени области во светот поради рударските операции кои се одвиваат таму. Екстракцијата на кобалт во ДРК создава и опасни услови за работа за работниците, вклучувајќи и екплоатација на деца и детски труд.

Колонијалната компонента која се крие зад зелените жртвени зони, исто така, се однесува и на начинот на размислување или оправдување од страна на побогатите нации и компаниите одговорни за ваквите операции. Аргументите на зелената транзиција кои промовираат зелен раст и, неизбежно, создавање на зелени жртвени зони, во суштина тврдат дека единствениот начин за излез од климатската криза е преку економски раст со технолошки напредок на обновлива енергија и зелените решенија, комплетно игнорирајќи ги уништувањето и насилството што ќе бидат предизвикани од ова во „невидливите“ делови на светот.

Овој став потсетува на оној на колонизаторите, како што се шпанската и британската империја, кои угнетуваат и напаѓаат други народи во име на религијата или цивилизацијата. Тука, „европскиот начин“ на живот на белата раса и верувањата, се сметаат за супериорни во однос на оние на другите народи. Кај Европскиот Зелен договор, гледаме дека приоритет е даден на економскиот раст на богатите нации за сметка на социјалното и еколошкото добро на ранливите, домородните и локалните заедници, како и осиромаштените нации. Ова го има црно-на-бело на почетните линии на веб-страницата на Европскиот Зелен договор:

„На Европа и треба нова стратегија за раст што ја трансформира Унијата во модерна, ресурсно-ефикасна и конкурентна економија…“

Како да му пристапиме правилно на Зелениот договор?

После се’ ова, како можеме да им пристапиме на предлозите за Зелен договор и праведна транзиција на начин што вистински ќе биде во интерес на сите? Во својот труд, Зографос и Робинс ја истакнуваат важноста на добро истражените предлози кои се базираат на четири аспекти:

  1. Политики за користење на земјиште – Треба да се воспостават научно издржани и општествено праведни политики за користење на земјиште за да се избегне создавање на зелени жртвени зони, обезбедувајќи правична распределба на трошоците и избегнувајќи колонијализација преку раселување и одземање на ресурсите на домородните заедници.
  2. Економија – Како да создадеме економски изводлив Зелен договор и праведна транзиција без да создадеме зелени жртвени зони, раселување и насилство? Треба да изградиме институции кои промовираат праведна зелена економија што го избегнува ова и што правилно го дистрибуира богатството до сите засегнати страни и заедници.
  3. Политика – Праведната транзиција треба да вклучува создавање на модели на управување што обезбедуваат донесување одлуки и консултации на сите нивоа на општеството. Социјалните движења и засегнатите заедници треба да бидат вклучени во различни фази на донесувањето на одлуки, особено кога станува збор за екстракција на материјали, транспорт, третман на отпад и имплементација на проекти. Ова може да се направи преку модели за управување со директно учеството на јавноста, како што е македонската платформа за колективно визионирање, Зелен Глас.
  4. Алтернативи – При дизајнирање на транзицијата, не можеме да го игнорираме знаењето и искуството на локалните и домородните заедници кои играат голема улога во справувањето со климатската криза и глобалните нееднаквости.

Транзицијата кон нови, поправедни економии и заедници е неизбежна. Меѓутоа, ако не успееме да ја видиме глобалната слика за тоа како може да се случат такви транзиции, ризикуваме да ги повториме истите грешки што ги правиме со векови.

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

 

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

 

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.