Зелен договор за Македонија


Image by 政徳 吉田 from Pixabay

Често зборуваме за тоа како треба да го реобмислиме начинот на функционирање на нашите економии и општества, како треба да се тргнеме од идејата за бесконечен економски раст, како треба да престанеме да го гледаме БДП како беспрекорна мерка за успех, како треба да се придвижиме кон нови „системи“ кои обезбедуваат просперитет и сигурност за секого. Но, како би изгледало тоа? Пред неколку години, концептот „Зелен договор“ или „Зелен нов договор“ [Green (New) Deal] стана општо прифатено име за стигнувањето до ваков систем. Низ оваа рамка, би се бореле против климатската криза, неправдите и нееднаквостите што фрлаат мрачен облак врз светот во кој живееме. Зелениот договор е дефиниран од активисти, академици и политичари на различни и честопати контрадикторни начини. Во текот на изминатите неколку месеци, растечката група на граѓани, иницијативи и организации дизајнира и развива рамка која ќе стане Зелен договор за Северна Македонија.



 На 11-ти декември 2019 година, пред речиси една година, Европската комисија започна свој сопствен Европски Зелен договор, документ од 24 страници во кој е наведен радикалниот потфат со крајна цел Европската Унија да стане јаглеродно-неутралена до 2050-та година. Планот ќе влијае на секоја област од животот каков што го знаеме од економијата, до зачувување на биолошката разновидност, земјоделството и се разбира, енергијата.

Европскиот зелен договор, сепак, добива широки критики дека е уште една вежба за „зелено миење“ (greenwashing) што продолжува да инсистира на економски раст преку ‘зелени очила’, претпоставувајќи дека можеме да продолжиме да живееме како што живееме со едноставно преминување од фосилни горива во обновлива енергија.

 Коалицијата на иднината

Но, Зелениот договор не е термин што го користат единствено креаторите на политики. Граѓаните, граѓанските движења и организациите низ целиот свет ја искористија можноста да развијат свои проекти за Зелен договор со намера да ги водат и да вршат притисок врз нивните влади да дизајнираат поздрави општества и подобра иднина од темел.