Здружението „Борка“ започна кампања по повод Светскиот ден за борба против ракот – Заедно можеме да направиме промени


По повод светскиот ден за борба против ракот, Здружението „Борка“ започна кампања под мотото „Заедно можеме да направиме промени“. Здружението „Борка“ изготви и видео во кое учествуваат јавни личности, амбасадорката на САД и првата дама на Северна Македонија. 



Светскиот ден на ракот е иницијатива на Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), која има за цел да се помогне да се спасат милиони животи и да се спречат смртни случаи секоја година со зголемување на свеста и едукација за ракот и придобивање на влади и поединци од целиот свет да преземат акција против болеста. 

Оваа година, првпат ракот на дојка го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на болеста. 

 Пандемијата со Ковид 19 изминатата година го наруши нормалниот тек на третманот на рак како во нашата држава, така и во голем дел од земјите во светот, особено посочувајќи на доцнења во дијагнозата, следење на третманот со други дијагностички процедури, стопирање на скрининг програмите и слично. Од друга страна здравствените работници се под екстремен стрес, зголемен е обемот на работа и отежнати се условите во кои работат, но исто така пандемијата влијеше и врз клиничките истражувањата, вели Биба Додева претседателка на Здружението „Борка“. 

Додева истакна дека здравјето не е цена. Тоа е инвестиција. Зато треба да ја смениме приказната бидејќи фундаментално право на секој човек е здравјето. Да поттикнеме креирање на нови подобри услови за третман и терапија на нашите граѓании, да ги охрабриме и поддржиме сите во нивната борба со ракот бидејќи оваа борба е наша, заедничка. Заедно можеме да направиме промени.