Заврши пленарната расправа за измените на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите 8 и 10д

sednicaa
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собранието во рамките на денешното продолжение на 115-тата седница го заврши општиот претрес по Предлог-законот за изменување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка, кој е последен од петте измени на закони потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“. Гласањето дополнително ќе биде одредено.

Претходно во своето обраќање во расправата Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ праша како е возможно договорот за реализација на автопатите од коридорот 8 и 10д да го добие Антикорупциската комисија, а не можат да го видат пратениците кои треба да гласаат за законските измени потребни за нивна реализација. Порача дека никој не знае какви меѓународни правила на изградба ќе има овој договор за коридорите.


-Договорот е скриен и не може да се види дали има пресметка или не. Власта сака да го суспендира законот за градење, целата фела е против, коморите се против, сите бараат јавна дебата, а Владата бега од  дебата за коридорите. Ова не е добро бидејќи поминуваат со европско знаменце и во иднина секоја влада на тој начин ќе може да помине било кој закон, рече Мисајловски.

Посочи дека е за изградба на автопати, но е против носење на закони спротивни на Уставот.

Здравко Трајанов од истата партија рече дека цената за изградба на овие автопати е екстремно висока и е повисока од сите досегашни искуства во земјава и во околните држави.

-Цената за изградба на коридорите во ниту една ситуација нема да биде пониска од сегашната. При тоа цената не претставува клуч на рака и е отворена што покажува дека во иднина ќе расте. Покрај тоа, државата ќе плати многу дополнителни трошоци со земање на поскапи кредити, што ќе значи минимум уште една милијарда дополнителни импликации во Буџетот. На крајот цената за овој проект со другите дополнителни трошоци ќе изнесува помеѓу 2,8 и три милијарди евра што се премногу пари за 110 километри автопат од кои 50 отсто се постојни патишта кои малку треба да се прошират и се во рамничарски крај, рече Трајанов.

Оцени дека договорот е со многу обврски за Владата и без никакви обврски за изведувачот.

Неговиот сопартиец Миле Лефков рече дека со овој закон се штитат криминални интереси во Владата и се менуваат цела плејада на закони.

-Со овој закон се штитат криминални интереси во владата на Ковачевски и на Груби. Пакет закони што се плејада на закони што се менуваат. Опозицијата побара договорот да биде објавен во службен весник. Уставниот суд вели дека на начин на кој што е донесен законот се суспендира само законот за јавни набавки додека остануваат останатите закони. И тоа вие го искористивте на тој начин да ни менува плејада закони, истакна Лефков.

Прецизира дека со овие закони се менуваат и Законот за акцизи, како и процедурите при царинското постапување, и се дерогираат на штета на јавниот интерес.

-Со ова се менува и Законот за акцизи, процедури при царинското постапување, се дерогираат на штета на јавниот интерес за владата на Груби и Ковачевски да може да си купи уште некој ден, да можат финансиски да се обезбедат, па да живеат некаде по белиот свет, истакна Лефков.

Антонио Милошоски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, порача дека таинственоста на договорот укажува дека во него се крие сомнежот за висока корупција.

-Затоа овој пат европското знаменце служи само какао покритие за високата корупција која Владата веќе ја потпишала. Во меѓувреме забележала дека ги пречекорила овластувањата и сега со овие интервенции во законите се обидува да најде покритие како тие излегувања од законските овластувања да ги санира. Не може да ги поништи и да ги укине ниту да исчезнат штетите кои се веќе направени, но како барем да се санираат за да се намали одговорноста на потписниците на овој контроверзен договор кој со својата тајност упатува на висока корупција, потенцира Милошоски.

Согласно договорот, како што кажа, нема изведувачот да ги плаќа евентуалните грешки во проектот, туку државата.

-Кога ќе се случи некој застој во работата министерот Бочварски и директорот Рустеми потпишале штетни клаузули со кои на изведувачот му е овозможено дури и кога се во мирување машините, кои се наменети за градба, заради застој во проектот тие машини и дневниците да ги плаќа државата од Буџетот. Затоа сметам дека бројката од 1,3 милијарди евра плус 300 милиони евра за експропријација е паушална и ќе надмине две милијарди евра, рече Милошоски.

Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека автопатите од коридорот 8 и 10д можат да се наречат автопат до пеколот, бидејќи македонските граѓани ќе платат превисока цена за лагоден живот на мала група луѓе и додаде дека со овие пари може да се изградат дополнителни 100 километри автопат.

-Ни нудат дупло повисока цена за еден километар автопат, цена која ќе ја платат граѓаните. На крајот ќе излезе дека за истите пари сме можеле да направиме дополнителни 100 километри автопат.  За најголемиот број на македонски граѓаните цената која ќе ја платиме е еднаква на автопат до пеколот овде на земјата, во Македонија.  Само за една мала клика на луѓе тоа ќе биде автопат до рајот, а сите останати ќе платат премногу висока цена. За да се овозможи лагоден живот на тие сега се потребни милијарди евра, рече Пенков.

Во реплика пратеничката Даниела Николова од СДСМ му порача дека автопат до пеколот може да биде и автопатот од Демир Капија до Смоквица што го градеше грчки Актор заради злоупотребите при неговата изградба.

-Од банкарската сметка на Актор од македонските банки незаконски беа извлечени 3,5 милиони евра преку добро разработена шема и секој месец во Неготино стигнувале автобуси со граѓани кои требало да извадат одредена готовина. Автопатот што се градеше со европски пари, 40 милиони евра грант од ИПА фондовите и 200 милиони евра заем од ЕБОР заврши со казна од 50 милиони евра за изведувачот Актор  од страна на Европската агенција за борба против криминалот, рече Николова.

Борислав Крмов од Левица посочи дека истата фирма ќе го гради моравскиот автопат во Србија кој исто така е долг 110 километри, но за многу пониска цена отколку кај нас.

-Таму истиот конзорциум „Бехтел и Енка“ има договор од 745 милиони евра или за 540 милиони евра помалку отколку кај нас за ист број на километри. Договорот кај нив е јавен, рече Крмов.

Порача дека станува збор за сомнителен козорциум, особоено во американскиот дел, и додаде дека во 2014 година извршниот директор на „Бехтел“ бил осуден од судот во Њујорк за мито од 5,2 милиони евра за местење на тендер во Египет.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK