Заедничка вежба на „Тигрите“ и бугарската Специјална единица за борба против тероризмот – сузбиена терористичка група

spasovski

Членови на терористичка група извршиле киднапирање на две видни лица, по што од македонските власти побараа ослободување на 10-мина затвореници со закана дека ќе ги убијат киднапираните, ако барањето не им биде исполнето до 14 часот. Тоа е дел од сценариото на оперативно-тактичката вежба „ХАРПУН 2022“ што денеска на охридското крајбрежје ја изведоа припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од Република  Македонија и Специјалниот одред за борба против тероризмот од МВР на Република Бугарија, во содејство со Одделот за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија.

На вежбата присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик министерот за внатрешни работи на Бугарија, Венцислав Катинов, кои пред почетокот положија цвеќе на споменикот на загинатите бугарски туристи во бродската несреќа во водите на Охридското Езеро. Тие оценија дека заедничките вежбовни активности треба да станат одржлива практика бидејќи придонесуваат за развој и зајакнување на директни и редовни контакти и продлабочување на практично ориентирана интеракција во борбата против терористичките закани.

Заменик командантот на „Тигрите“ Драган Прокоповски, појаснувајќи ги вежбовните активности во изминатите неколку дена во Охрид информираше дека припадниците на македонската и бугарската специјална единица размениле искуства за тактиките и техниките што ги користат во своите единици преку теоретски предавања и презентации на видеоматеријали.

Во однос на снецариото на денешната вежбовна активности појасни дека по терористичката закана, најниското раководство на МВР веднаш формирало Кризен штаб, кој раководи за менаџирање и решавање на оваа кризна ситуација.

– По проверка на лицата кои терористичката група бараат да бидат ослободени се утврди дека се работи за лица кои се осудени на казна доживотен затвор за кривично дело тероризам. Безбедносните служби ја открија локацијата каде се наоѓа терористичката група и киднапираните лица. Станува збор за напуштен објект во североисточниот дел на брегот на Охридското Езеро во непосредна близина на градот Охрид. Од страна на Секторот за внатрешни работи – Охрид и Регионалниот центар за гранични работи – Запад направена е поширока блокада на објектот со затворање на сите приоди до него, а за цивилните лица кои се наоѓаа на тој простор безбедно се евакуирани. Во делот на езерото направена е поширока блокада со моторни чамци од страна на Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, предвидува сценариото на вежбата.

Кога ја открија локацијата на терористичката група тимови на специјалната единица „Тигри“ и Специјалниот одред за борба против тероризмот се упатија на местото. Веднаш по пристигнувањето поставија снајперски тимови на неколку позиции, како и потесна блокада на објектот, од копно и вода со нуркачки тимови. На местото пристигна и тим за преговори. Безбедносните служби кои ја следат комуникацијата со терористичката група со нивни членови од надвор пресретнале телефонски разговор во кој член на групата кажува доколку барањето на е исполнето до петок до 14 часот ќе убијат едно од киднапираните лица со цел властите да ја сфатат сериозноста на нивните намери. Знаејќи ја оваа информација командниот оперативен центар издаде наредба да се изврши упад во објектот со задача киднапираните лица да се ослободат, а терористите да се лишат од слобода. Припадниците на специјалните единици извршија напад и упад во објектот со приод од копно, вода и воздух, при што ги ослободија киднапираните, а терористите беа уапсени.

По повод успешно реализираната демонстрација на оперативно-тактичката вежба „ХАРПУН 2022“, Министерот Спасовски и бугарскиот заменик министер Катинов си разменија плакети, а плакети разменија и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски со директорот на Генералниот директорат на жандармеријата – Специјални операции и борба против тероризмот на Бугарија Тодор Гребенаров, како и началникот на Одделот за специјални полициски операции, Митко Даневски со директорот на Директоратот за специјални операции и борба против тероризмот Драгомир Таков.

Сертификати за успешно реализираната вежба, како и за спроведените обуки и размена на искуства добија учесниците во вежбата.

Во рамките на вежбовните активности изминатите денови во Охрид биле опфатени повеќе тематски единици, како ракување со огнено оружје, поединечни и тимски, увежбување постапки за механичко и хидраулично пробивање, како и пробивање со употреба на експлозиви. Припадниците на двете единици размениле вежбовни активности за упад во објект, препад на возило, десантирање, односно спуштање од хеликоптер со употреба на фластер оуп јажиња. Вежбовни активности имало на водени површини со управување на десанти чамци, а нуркачите заеднички имале можност да нуркаат во водите на Охридското Езеро. Разменети биле и искуства за укажување прва помош на повредно лице, како и за извлекување повредно лице од непристапен терен со употреба на воздухоплов.

Facebook
Twitter
LinkedIn