Синдикалната организација на Еуроникел повторно упати отворено писмо до Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Димитар Ковачевски и Митко Јанчев.
„Седми ден откако стоиме надвор на патот и бараме да ги исполните вашите законски обврски, да го вратите ДДВ-то за месец август чие плаќање го доцните повеќе од месец дена, а сега веќе и септемвриското ДДВ стигна за враќање.
Денес е 1 декември, ние веќе немаме здраствено осигурување, наши колеги не можат да си препишат редовна терапија, операции на наши деца не можат да се извршат заради немање здраствено осигурување, наши колешки не можат да го остварат правото на породилно отсуство..
Милостина не бараме! Бараме да се исплати ДДВ-то што и се должи на фирмата и што сте должни по закон да го исплатите, за да може вработените да земат плата и да добијат здраствено осигурување“, велат од Синдикалната организација.
„Покажете доблест и грижа за нас – вашите граѓани. Ние сме ваша одговорност како граѓани, не разбираме која е целта и намерата за намерно држење на средства кои за нас се единствен извор на егзистенција.
Со години го полневме државниот буџет, не заслужуваме ваков однос. Не бидете слепи, глуви и неми на нашите барања.
Денес повторно ќе бидеме на патот Градско-Прилеп, но следната недела ќе дојдеме во Скопје пред Влада, можеби тогаш ќе го слушнете нашиот глас.
Ние нема да се откажеме, тоа се наши пари, наша егзистенција и нема да се откажеме од нашата фабрика. Работеше 40 години и натаму ќе работи! Нема да дозволиме да згасне како старо железо“, се наведува во писмото на Синдикалната организација на „Еуроникел Индустри“.