Водич за новинарска писменост од ЗНМ


Во насока на унапредување и зајакнување на професионалните стандарди на новинарите, Здружението на новинарите на Македонија започнува кампања преку кратки видеа, за промоција на етичките и професионални стандарди од Етичкиот кодекс на новинари.



Идејата на ЗНМ преку оваа кампања е да потенцира дека професионалните новинарски стандарди мора да бидат клучна водилка во идентификувањето на етичкото новинарство како јавно добро.

Од ЗНМ нагласуваат дека новинарите мора да бидат свесни за својата улога во општеството, да ја препознаат и почитуваат одговорноста при пренесување на вестите до јавноста.

– Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав. Слободата на медиумите е неприкосновено право, новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења, и право да коментираат, почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, настојувајќи дека ќе бидат чесни, објективни и точни. Спречување на цензурата и искривувањето на вестите е право и должност на новинарите, посочуваат од ЗНМ.

Новинарите треба да ги бранат човековите права, достоинството и слободата, да го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, да придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. Новинарите мора да ги препознаваат  црвените линии на јавниот интерес, не прекршувајќи ги личните слободи и права.

Видеата, како што информираат од ЗНМ, се изработени во соработка со Програмата за медиуми во Југоистична Европа на Конрад Аденауер фондацијата.