Во Берово формирано првото движење на млади хумани мисионери „Ја би Берово”


Во Берово формирано првото движење на млади хумани мисионери „Ја би Берово” - МИА

Берово, 18 јуни 2020 () – Во Берово формирано првото движење на млади хумани мисионери „Ја би Берово”. Движењето како што информираат младите хуманисти е прво од ваков вид во државата и е креирано со цел младите да се потсетат на животот пред коронавирусот.



-Корона вирусот го смени нашиот свет до степен за кој никој не можеше ни да замисли. Оваа светска криза е од библиски пропорции и сметаме дека животот никогаш повеќе нема да ни биде ист. Токму поради ова по примерот на ваквите иницијативи од соседните држави, имаме за цел да ја пренесуваме пораката дека без разлика на се, светот ќе продолжи да функционира, а ние сме тие кои преку активности за подобрување на животот на одредени категории граѓани ќе успееме да направиме нешто корисно, истакнаа од движењето „Ја би Берово”.

Меѓу првите активности кои ги организираа младите беровчани се неколкуте хуманитарни акции, кои започнаа и се реализираат веќе неколку недели.

-Наша цел е да помагаме на најзагрозените семејства преку донирање од човек за човек, донации кои се состојат од било какви предмети кои можат некому да му послужат, апарати за домаќинство, храна, облека, со еден збор, сето она што на некој не му е потребно или сака да се ослободи од тоа, а вистински му е потребно некому, додаваат младите хуманисти од Берово.

Подобар живот и подоброто општество без поделби ќе продолжи да биде главното мото на „Ја би Берово“, чии членови додадоа дека ќе продолжат да помагаат секаде онаму каде има потреба за хуманост.