(Видео) ВМРО-ДПМНЕ остави 1.071 каранфил пред Владата во знак на почит за починатите од коронавирус



 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остави 1.071 каранфил на улицата пред Владата во знак на почит за починатите од коронавирус.

„Денес оставивме 1.071 каранфил во знак на почит кон 1.071 починат од корона кои не се само бројка, туку луѓе, човечки судбини кои одат на нечистата совест на Зоран Заев и на најнеспобниот министер за здравство Венко Филипче. Бараме оставка од Венко Филипче веднаш и сега“, изјави Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, Зоран Заев и Венко Филипче се главните виновници за полните болници и кажа дека тие преставуваат закана за здравјето на граѓаните.

„Системот е трул. За тестирање се чека и по неколку денови, а исто толку и за добивање на резултати. Додека пациентот да добие дијагноза тој веќе е во напредна фаза на болеста, а неговото здравје е сериозно загрозено. Овие 1.071 починат се и заради пренатрупаното здравство и немањето место во болниците. Филипче имаше цело лето да ги опреми овие капацитети и да ги оспособи за да може денеска да бидат сместени луѓе, да не шетаат од болница во болница или да бидат оставани дома“, рече Андоновска.

Таа кажа дека ова е најголемата трагедија која и се случува на Македонија по Втората светска војна.

„Македонија немала толкав број на починати, од ниту една болест, од ниту од било каков друг единечен фактор од Втората светска војна се до денес“, кажа Андоновска.